Линкови за пристапност

Проф. Жак Рупник: Македонија може да се надева на почеток на преговори за влез во ЕУ на почетокот од 2007-ма.


Професор по меѓународни односи кој е гостин на Универзитетот Харвард е оптимист дека Македонија може да почне преговори за членство во ЕУ на почетокот од 2007-ма. Жак Рупник смета дека со таквата одлука, Унијата ќе покаже дека има сериозни намери спрема Македонија и останатите земји од регионот, кои претендираат да бидат дел од европското семејство и продолжуваат со спроведувањето на демократските реформи.

Демократските процеси се услов од копенхашките критериуми, за кои не се преговара. Потребна е изградба на граѓански општества, но со владеење на правото. Ова посебно се однесува на Балканот, предупредува директорот на Центарот за меѓународни студии при Институтот за политички студии во Париз. Аспирантите за влез во ЕУ треба да бидат ефикасни во спроведување на реформите. Вакви размислувања професорот Жак Рупник изнесе во Центарот Вурдо Вилсон во Вашингтон, каде говореше за дилемите на ЕУ при промовирање на демократијата.

Проф. Рупник смета дека се реални очекувањата на Македонија дека ќе започне преговори за членство во ЕУ на почетокот од 2007-ма.

Иако се отвара дебата за перспективата на проширувањето поради секојдневното зголемување на листата на земји кои сакаат да бидат дел од ЕУ, Брисел не може да си дозволи да испрати негативен сигнал до Македонија и до другите земјите од Балканот, вели Рупник:

„Хрватска и Македонија се важни од аспект да бидат израз на сериозните намери на ЕУ за целиот регион. Тоа е позитивно и за Македонија, не само што ја притиска да продолжи со демократските реформи и промени кои треба да ги направи, туку да биде и позитивен пример за регионот.“

Дали е можно одложувањето на приемот на Бугарија и Романија во ЕУ, првично планиран за 1-ви јануари 2007-ма. Каков ефект ќе има тоа врз регионот?

„Тоа не е многу веројатно. Ако се случи, ќе биде прашање на неколку месеци. Нема да ја смени општата слика. Проблемот е што Бугарија и Романија не се целосно подготвени. Тие мора да сфатат дека влезот во Унијата не е крај на приказната.“

Тој повтори дека реформи не се прават за членство во ЕУ туку со цел самите земји подобро да функционираат како либерални демократии.

На ЕУ и требаа 15 години да го стабилизира Балканот, кој нема уште 15 години за средување на работите. Треба да им се понуди перспектива за влез во Унијата – веднаш, со цел границите во регионот да бидат формални, смета Рупник и додава - Без јасна европска перспектива за земјите од Балканот – не може да очекувате унапредување на демократските процеси. Во спротивно, на регионот му се заканува уназадување и застој на реформските процеси, заклучи професорот по меѓународни односи од Сорбона, кој престојуваше во Вашингтон.

XS
SM
MD
LG