Линкови за пристапност

Парламентарна средба на земјите од Јадранската група


Продолжување на реформите неопходни за членство во НАТО, владеење на правото и развој не демократијата со учество на граѓанското општество, тоа се целите кон кои треба да се стремат земјите од Јадранската група, како подготовка за членство во НАТО. Ова е повторно потврдено на денешната интерпарламентарна средба на претставниците на зејите од Јадранската група во Скопје, чиј домаќин е парламентарната комисија за надворешна политика.

„Македонија, Хрватска и Албанија работат на постигнување на НАТО стандардите“, вели македонската министерка за надворешни работи, Илинка Митрева, но она што тие очекуваат е јасен сигнал дека 2008 година е моментот кога Алијансата ќе ги отвори вратите за нив.

„Во согласност со евидентниот прогрес што секоја од нашите земји го постигна, Самитот во Рига треба да ни испрати јасна, гласна и недвосмислена порака, порака што дополнително ќе не мотивира квалитетно да го доодиме патот пред добивањето покана за членство во следниот круг на проширување на Алијансата, не подоцна од 2008 година.“

Британскиот амбасадор во Скопје, Роберт Четертон Диксон, чие дипломатско претставништво е контакт амбасада за НАТО, потврдува дека Самитот во Рига ќе биде посветен на трансформацијата на Алијансата, но очекува оти земјите од Јадранската група ќе го добијат бараниот сигнал и потврдата на постигнатиот успех. „За Македонија“, вели тој, „еден од тестовите се и парламентарните избори.“

„За Република Македонија од витално значање е следниот тест на хоризонтот, парламентарните избори во јули. Треба да се избегнат проблемите кои се јавуваа на претходните избори. Јасно е дека како земја кандидат за членство во ЕУ и НАТО, Македонија ќе биде оценувана според европски стандарди.“

Стабилизацијата на демократските институции, надминувањето на безбедносните предизвици, уставните и законските измени, децентрализацијата и изградбата на успешниот модел на мултиетничко општество - во сите овие сегменти, придонес има и Собранието, вели спикерот на Парламентот Љупчо Јордановски. Сега, неговите обврски имаат друга димензија.

„Веќе идната недела, нашето Собрание треба да донесе одлуки за испраќање единици на АРМ во мировните операции во Авганистан и Ирак, за медицинскиот тим во Авганистан и за мировната операција ЕУФОР/АЛТЕА во Босна и Херцеговина, како наш нов придонес на меѓународните мировни активности.“

Третата парламентарна средба на Јадранската група завршува попладнево со усвојување заедничка изјава.

XS
SM
MD
LG