Линкови за пристапност

САД ќе бараат резолуција во ОН доколку новата иницијатива за Ира не даде резултат


Американски официјални лица претходно најавуваа дека Советот за безбедност на ОН најверојатно уште оваа недела ќе донесе резолуција со која од Иран се бара да прекине со збогатување на ураниум и да се врати на преговарачката маса. Но, Русија и Кина се против ваков потег. Американската влада се согласи да почека на резултатот од новиот обид на Британија, Франција и Германија – преку нов пакет поттици да го убедат Иран да го смени курсот. Државниот секретар Рајс, која на почетокот на неделава дискутираше за иранското прашање со министрите за надворешни работи на главните светски сили во Њујорк, вчера на гостувањата на неколку ТВ-мрежи сигнализираше дека САД ќе почекаат на резултатот од новиот обид на европската тројка.

„И натаму ќе инсистираме на резолуција на Советот за безбедност, но ќе почекаме неколку недели додека Европејците подготват понуда до Иранците во која јасно ќе им стават до знаење дека имаат избор, со што би им била дозволена програма за цивилни цели, ако тоа е она што навистина го сакаат“, рече Рајс.

Минатиот август, Иран по повеќе од две години преговарање со Европејците и формално го отфрли пакетот економски и други поттици во замена за прекин на нуклеарните акивности. Европејците во рамки на пакетот предлагаа процесирање на нуклеарно гориво во друга земја за иранските цивилни потреби.

Американската влада го поддржа пакетот со иницијатива од своја страна, нудејќи дека нема да се противи на иранскиот влез во Светската трговска организација.

САД инсистираат дека Иран има тајна нуклеарна програма и вршат притисок за резолуција во Советот за безбедност. Но, против се Русија и Кина, кои стравуваат дека таквата резолуција може да отвори простор за санкции и евентуална воена акција.

Во вчерашните ТВ-настапи, Рајс уште еднаш подвлече дека писмото до претседателот Буш од иранскиот претседател Ахмадинеџад не претставува сериозен обид да се разрешат проблемите меѓу Иран и Западот. Ирански претставници, пак, ги критикуваа САД за отфрлање на писмото. Рајс кажа дека доколку писмото било сериозен дипломатски обид, тогаш американскиот одговор ќе беше сосема поинаков.

XS
SM
MD
LG