Линкови за пристапност

Црвенковски за границата кон Косово по посетата на Чеку


„Македонската северна граница кон Косово не е административна, туку меѓудржавна, со валиден меѓународен договор депониран во ОН“. Ова е реакцијата на македонскиот претседател Бранко Црвенковски на неодамнешната посета на косовскиот премиер Агим Чеку, кој на премиерот Владо Бучковски му ја пренел пораката дека неговата влада ја признава некогашната административна граница од СФРЈ.

Македонија не треба да преговара за границата, тоа е завршено прашање - смета претседателот Црвенковски:

„Она што ние треба да го направиме не се преговори за границата, не е утврдување на границата, туку тоа е техничка операција на демаркација на границата. Во однос на тоа прашање, клучниот фактор со кого треба да соработуваме и да ги координираме нашите активности е меѓународната заедница. Наш интерес е оваа техничка операција да се заврши во текот на преговорите и пред дефинирањето на финалниот статус на Косово“.

Изјавата на премиерот Бучковски по средбата со премиерот Чеку дека административната граница од СФРЈ ќе биде таа што ќе се обележува, претседателот Црвенковски не ја сфаќа како откажување на Македонија од потпишаниот договор со СРЈ:

„Не ја сфаќам како откажување од договорот, ниту има потреба од такво нешто, тоа е валиден договор, тоа е меѓудржавна граница. Она што имав прилика да го слушнам е дека и времената влада на Косово, таа граница - која некогаш била административна - ја смета за меѓудржавна граница“.

Тој повикува на политка на подеднакво добри односи на Македонија и со Белград, и со Приштина.

Спорните 250 хектари земјиште за косовската страна што остануваат на територијата на Македонија, според договорот за дефинирање на границата од 2001 година, за македонскиот претседател не се проблем, туку сосема нормален исход кога станува збор за една меѓудржавна граница:

„Па тоа не е спор. Кога постои една граница, нечија земја или е на едната, или е на другата страна. Границата не може да оди според имотните листови на секој граѓанин кој живее и има имот на самата граница. Според тоа, ние можеме да разговараме за нешто друго, за либерализација на меѓуграничниот режим, луѓето да можат послободно да патуваат, да ја минуваат границата, да го обработуваат земјиштето, да се либерализаира целиот тој режим на фреквенција на луѓето“, вели претседателот Бранко Црвенковски.

XS
SM
MD
LG