Линкови за пристапност

Денес завршни преговори со Џонсон Контролс


Наспроти денешните преговори со тимот на американскиот гигант Џонсон Контролс за изградба на фабрика за електронска опрема за возила во слободната економска зона Бунарџик покрај Скопје, премиерот Бучковски и министрите за финансии, економија и транспорт и врски, Поповски, Бесими и Мехази на вчерашниот состанок го формираа заедничкиот став на Владата. Откако американската компанија, по двеиполгодишно анализирање на ситуацијата и двоумење, минатиот месец конечно донесе првична одлука да инвестира во Македонија, а не во Полска, по денешниот состанок со македонските претставници таа на 22 мај треба да донесе и конечна одлука.

За македонската Влада е прифатлива идејата големата американска компанија, која низ светот вработува 123.000 лица, со инвестирањето во Македонија да помогне да заживее слободната економска зона Бунарџик. Иако како проект беше проценувана на десетици милиони евра, зоната со години наназад остана само предмет на политички надмудрувања. За таа цел ќе треба да се исполнат условите на компанијата за опремување на зоната со телекомуникациона и комунална инфраструктура и со производствени објекти и обезбедување на пристапни патишта. Тие подготвителни инвестиции Македонија би ја чинеле околу 6 милиони евра. Но, во желбата да се се привлече американскиот инвеститор, Владата е подготвена да му овозможи законски дозоволени олеснувања за кои досега не се изнесуваа конкретни детали, освен дека Македонија би одвоила буџетски пари за дообука на потребниот кадар.

На денешните преговори се очекува да биде разрешено и прашањето за евентуално откупување на земјиштето од страна на Џонсон Контролс, како и за ставот на Владата за ослободување од даноците во првите години на инвестицијата и за помошта од државата за плаќање на придонесите на вработените.

XS
SM
MD
LG