Линкови за пристапност

Ахмадинеџад:  „Подготвен сум за соработка доколку САД се откажат од лошото однесување“


Претседателот Махмуд Ахмадинеџад вчера во Џакарта го продолжи критичкиот тон и пред група муслимански студенти кажа дека Израел бил тирански режим што еден ден ќе биде уништен.

Тој истакна и дека е подготвен да соработува со САД и другите западни сили околу иранската нуклеарна програма, доколку, како што кажа, САД се откажат од лошото однесување.

Посетата на Ахмадинеџад на Индонезија која има најбројно муслиманско население во светот, е во време на продлабочување на меѓународната напнатост околу нуклеарните амбиции на Техеран. Иран вели дека неговата нуклеарна програма е наменета за производство на електрична енергија, додека некои западни земји веруваат оти се користи за производство на нуклеарно оружје.

САД неделава не обезбедија доволно поддршка во Советот за безбедност на ОН за воведување економски санкции против Иран.

Клучните членки на Советот за безбедност се согласија на повторна средба за две недели на која би се изготвиле пакет мерки со кои Иран ќе се повика да ја прекине нуклеарната програма или во спротивно ќе се соочи со санкции.

На средбата на министрите за надворешни работи од осум земји со доминантно муслиманско население што се оддржа на индонезискиот остров Бали, воочи утрешниот Самит, иранскиот министер за надворешни работи ги повикува учесниците да се обединат против западната доминација.

Самитот на осумте муслимански земји во развој има за цел да ја зголеми економската и политичка соработка, но е засенет од се поголемата напнатост меѓу Иран и Западот.

Индонезискиот министер за надворешни работи Хасан Вирајуда ги отфрли извештаите дека Џакарта која одржува добри односи и со Иран и со САД, ќе биде медијатор во разрешување на спорот меѓу Иран и западните земји.

„Не сме понудиле посредништво за ова прашање, секако што се однесува до нас, на Иран му предложивме да ги интензивира своите напори за да го реши спорот со нуклеарната програма преку дипломатски и мирољубиви преговори.“

Господинот Ахмадинеџад на Бали се очекува да пристигне денеска, а на Самитот се очекува да бидат склучени трговски и цариски договори и да биде објавена декларација од лидерите на земјите учеснички за глобалните прашања.

На Самитот на Бали учестувуваат Индонезија, Малезија, Пакистан, Бангладеш, Иран, Египет, Турција и Нигерија.

XS
SM
MD
LG