На 15-тото изборно собрание, академиците со тајно гласање, за нови редовни членови на Македонската академија на науките и уметностите ги избраа професорот на Правниот факултет, Владо Камбовски, во Одделот за општествени науки, ректорот на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, Алајдин Абази, професорот Глигор Јовановски во Одделот за математичко-технички науки, и композиторот Ристо Аврамовски и поетот Радован Павловски во Одделот за уметност. Со ова, МАНУ има 43 редовни, 46 членови вон работниот состав и два почесни члена.
И покрај медиумските предвидувања и шпекулации, не беа избрани нови членови ни во Одделот за медицина каде имаше повеќе кандидати, ни во Одделот за лингвистика, во кој веќе девет години нема нов академик. Како и по секои избори, и годинава веројатно допрва ќе следат реакции на изборот и на лобирањето меѓу академиците.
Еден од нив, Томе Серафимовски, изјави: „Она што е највредно не е во Академијата, има многу врвни луѓе што се надвор од МАНУ. И она што е во Академијата, не е се највредно. Лобирањето е природна работа. И симпатиите се природна работа. Меѓутоа, на нашето собрание мислам дека победи вистината„.
Од избраните академици, поетот Радован Павловски, кој по неколку обиди стана член на МАНУ, ја изрази својата радост, тврдејќи дека не барал симпатии, ниту лобисти, а ректорот на Универзитетот на ЈИЕ Алајдин Абази, изјави дека пријатно се чувствува по изборот што за него е признание за 40-годишната работа во науката и образованието.
Македонскиот претседател Бранко Црвенковски им упати писмо со честитки на новите академици, во кое потенцира дека „МАНУ, со својот придонес во развојот на научната и уметничката мисла, успеала вистински да се афирмира и да претставува најзначајна институција која дава и во иднина ќе дава значаен придонес во развојот и меѓународната афирмација на Македонија„.