Линкови за пристапност

Генералот Хајден номиниран за нов директор на ЦИА


Претседателот Буш го номинираше воздухопловниот генерал Мајкл Хајден за нов директор на Централната разузнавачка агенција - ЦИА.

Објавувајќи ја својата одлука од Белата куќа, американскиот претседател синоќа подвлече дека Хајден има над 20 години искуство во разузнавањето и дека ќе ја зајакне тајноста и одговорноста во ЦИА што се од клучно значење за американската национална безбедност:

„Мајк го познава разузнавањето од главата до петиците. Тој има и обезбедувано, и користено разузнавачки информации. Го надгледуваше развојот на разузнавачките процеси и со агенти, и со технолошки средства. Демонстрираше способност да ги прилагоди разузнавачките операции на новите предизвици во војната против тероризмот. Тој е вистински човек да раководи со ЦИА во овие критични моменти за историјата на земјата“.

Заблагодарувајќи се на довербата, генералот Хајден оддаде признание на својот претходник Питер Гос, кој во петокот објави дека се повлекува, но и до вработените во ЦИА:

“До сите вработени - доколку бидам потврден на функцијата, ќе бидам почестен да ви се придружам и да работам со вас. Вашите постигнувања честопати не се толку ценети и се далеку од очите на јавноста, но вие знаете што се́ чините за да ја заштитите земјата“.

Хајден во моментов е заменик-директор за национално разузнавање. Претходно беше директор на Агенцијата за национална безбедност. За да стане директор на ЦИА, тој најпрвин треба да добие зелено светло од Сенатот.

Неколку виши републикански членови во Конгресот изразија загриженост поради тоа што армиски офицер доаѓа на чело на цивилна разузнавачка агенција. Се очекува номинацијата на Хајден да ја заживее и контроверзата во врска со одлуката на претседателот Буш по терористичките напади на 11-ти септември, да одобри програма за прислушкување на лица во САД. Според претседателот Буш, токму генералот Хајден, како тогашен директор на Националната агенција за разузнавање, ја има предложено и поддржано програмата.

XS
SM
MD
LG