Иранските власти велат дека претседателот Махмуд Ахмединеџад испратил писмо до американскиот претседател Буш, во кое предлага нови решенија за надминување на напнатоста меѓу двете земји. Тоа е прва директна комуникација меѓу Иран и САД во последните 26 години за која се знае во јавноста.
Ирански влади портпарол соопшти дека писмото на Ахмадинеџад до Буш било најпрвин доставено до Швајцарската амбасада во Техеран, која ги застапува американските интереси во Иран по прекинот на американско-иранските односи во 1980-та година. Портпаролот не изложи поединости за содржината на писмото, но рече дека иранскиот претседател предложил нови начини за излез од актуелната нестабилна ситуација во светот.
Информацијата за писмото доаѓа во време кога петте постојани членки на Советот за безбедност плус Германија се подготвуваа во Њујорк да дискутираат за спорот околу иранската нуклеарна програма. Британија, Франција и САД поддржуваат резолуција што би наложила Иран да прекине со процесот на збогатување на ураниум, како и да повлече санкции, доколку Иран одбие да соработува. Русија и Кина - преостанатите постојани членки на Советот со право на вето - се против санкции и се залагаат за поголем дипломатски напор.
Али Нуризадех, директор на Центарот за арапско-ирански студии со седиште во Лондон, вели дека врз основа на објавените информации за содржината на писмото, нема изгледи дека Иран ќе наиде на сочувствителност од страна на претседателот Буш во однос на нуклеарното прашање:
„Знаеме дека Буш има поставено одредени предуслови за поотворен став во однос на Иран. Првиот е - Иран да се откаже од програмата за збогатување на нуклеарен материјал. Во ова писмо нема најави дека Иран е подготвен да го стори тоа“.
И други стручњаци се согласни дека писмото на претседателот Ахмадинеџад, без оглед на содржината, нема големи шанси да наиде на позитивен одговор од американската администрација.
Марк Фицпатрик е поранешен претставник на Стејт департментот кој сега е на чело на Институтот за меѓународни стратешки студии со седиште во Лондон:
„Мислам дека одговорот од САД може да биде негативен. Постои став дека дијалогот со оваа влада, соработката со овој режим во Иран, всушност би значело да се награди лошото однесување, да се даде моќ на најлошите елементи во исламската република. Во таков случај владее резервираност да се одговори позитивно на писмото, но од друга страна, можеби постои и согледување дека не постојат добри опции за решавање на иранската нуклеарна криза“.
Иран неколкупати повтори дека ќе отфрли каква и да е́ резолуција на ОН што бара укинување на нуклеарната програма. Иранскиот претседател се закани дека доколку Советот за безбедност воведе санкции, Иран ќе се повлече од Договорот за неширење на нуклеарното оружје. Иран тврди дека нуклеарната програма е наменета исклучително за мирнодопски цели, додека САД, Британија и Франција веруваат дека Техеран се обидува да произведе нуклеарно оружје.