Линкови за пристапност

Доживотен затвор за Мусауи


Федералниот судија Леони Бринкема вчера и официјално го осуди Мусауи на доживотен затвор без право на помилување. Последниот ден од судскиот процес имаше драматична разврска. Веднаш откако влегол во судницата, Мусауи извикал – „Бог да го чува Осама бин Ладен. Никогаш нема да го фатите!“

Судијата Бринкема му се обратила на Мусауи со зборовите – „Дојдовте овде да бидете маченик и да умрете во експлозија на голема слава, но, да го парафразирам поетот Ти Ес Елиот - наместо тоа, ќе умрете цвичејќи“.

Пред да ја соопшти пресудата, судијата им дозволи на роднините на некои од жртвите од нападите од 11-ти септември, директно да му се обратат на обвинетиот.

Розмари Дилард во нападот на Пентагон го загубила својот сопруг: „Му реков дека го упропасти мојот живот, ми ја одзема најважната личност во него - сопругот Еди Дилард. Мислам дека Мусауи ќе гние во затворот и со самото тоа што нема да види бел ден и слобода, тоа е уште една победа за нас“.

Повеќето од семејствата на загинатите се согласуваат со пресудата, но имаше и разочарани што Мусауи избегна смртна казна. Маргарет Потие го загубила зетот во нападите: „Мислам дека заслужи смртна казна и штета што не ја доби“.

Пресудата е последниот чин во правната драма што започна уште пред четири години. Мусауи беше уапсен три недели пред нападите на 11-ти септември, по сомнително однесување во едно училиште за пилотирање во сојузната држава Минесота. Тој тогаш не им кажал на властите што знаел за терористичкиот заговор.

Мусауи минатата година се изјасни за виновен по шест основи за терористички заговор, велејќи дека требало да биде дел од вториот бран напади на Ал-Каида.

Најмалку тројца од 12-те поротници сметале дека Мусауи немал голем удел во заговорот од 11-ти септември, а за смртна казна е потребна едногласна одлука на поротата.

Закариас Мусауи е Французин со мароканско потекло и единствениот обвинет и осуден во САД во врска со нападите.

XS
SM
MD
LG