Линкови за пристапност

САД:  Имигрантите вчера протестираа за да го покажат своето економско влијание


Групите за заштита на правата на имигрантите го насловија бојкотот „Ден без имигранти“. Целта беше да се покаже дека американската економија не може да функционира без имигранти, сеедно дали се законски или не.

Неколку големи бизниси - од винарски производители во Калифорнија до компании за преработка на храна на американскиот среден запад, објавија дека ќе бидат затворени за бојкотот, уште пред тој да започне.

Во населбата Адамс Морган во Вашингтон, што е дом на бројно латиноамериканско население, Роберто Рејес од Ел Салвадор вчера претпладне седеше на клупа во паркот со еден пријател. Тој работи како градинар и во тоа доба од денот обично е на работа, но решил поради бојкотот да паузира.

"Ја исполнувам мојата обврска и ќе учествувам на маршот до Капитол Хил. Ни треба помош од владата. Се надевам дека ќе ни подаде рака и овој пат, како многупати во минатото", вели Рејес

Келнерот Енрико Гомез, пак, исто така од Ел Салвадор, вели дека некои во неговата заедница не се појавиле на работа, но тој и многу други се плашеле дека ќе добијат отказ доколку останат дома.

Придржувањето до еднодневниот економски бојкот не беше секаде подеднакво. Некои латиноамерикански лидери ги повикаа имигрантите да појдат на работа како обично, но и да земат учество во маршеви и демонстрации подоцна во денот.

Управникот на служба за чистење, кој се претстави само како Чарлс, вели дека вчера не отсуствувал ниту еден од неговите работници: „Имаме среќа што имаме добри работници. Денеска секој е повеќе загрижен за обезбедување на своето семејство отколку за протести“.

"Ден без имигранти" е последниот од серијата демонстрации од голем калибар на групите за заштита на правата на имигрантите во САД последниве месеци. Меѓутоа, собири одржаа и оние кои сакаат да се стави крај на илегалната имиграција.

Хауард Дејвис од Тексас, кој е во посета на Вашингтон, смета дека политичката тактика на имигрантите ќе им се врати со тоа што ќе ги оддалечи наместо да ги привлече американските гласачи родени во САД.

„Протестите се негативни, што се однесува до мене. Тие и онака не би требало да се тука на ваков начин. Требало да дојат во земјата легално, преку законска постапка. Зошто инаку имаме граници? Зошто воопшто ги нарекуваме граници“, прашува Дејвис.

Истражувањата на јавно мислење покажуваат остра поделба по имиграционото прашање. Конгресот допрва треба да постигне консензус за тоа што ќе се прави со 11 до 12-те-милиони илегални имигранти кои живеат во САД. Претседателот Буш предложи засилување на границата и воспоставување на програма за гости-работници, но вели дека депортирањето на милиони илегални имигранти би било непрактично и неправедно.

XS
SM
MD
LG