Посетата била со цел да се направи проценка на актуелната ситуација и да се пренесе порака до ирачкото раководство дека САД стојат зад нив. Претседателот Буш коментираше дека секретарите Рајс и Рамсфелд се вратиле со впечаток дека новите ирачки лидери се оптимисти, полни со енергија и решени да успеат.
„Веруваме дека ова е пресвртна точка за ирачките граѓани и ново поглавје во нашето партнерство“, кажа Џорџ Буш.
На средбата со новинарите во Белата куќа американскиот претседател сепак предупреди дека и натаму постои предизвик: „Престојат тешки денови бидејќи и натаму има терористи кои се подготвени да убиваат недолжни луѓе, само за да го спречат напредокот на демократијата“.
Џорџ Буш говореше и за потребата од единство во Ирак и формирање на влада што ќе го застапува целиот народ.
Ваквите коментари дојдоа во време кога влијателен член на Сенатот предлага Ирак да биде поделен на три региони – шиитски, курдски и сунитски, со централна влада во Багдад. Џозеф Бајден, истакнат демократ во Сенатската комисија за односи со странство, во напис во весникот „Њујорк тајмс“ вели дека идејата е да се одржи обединет Ирак, со тоа што секој регион би се носел со своите прашања, додека централната влада би се грижела за заедничките интереси.
Белата куќа ја отфрли идејата и ја нарече план за поделба. Портпаролот Скот мек Лилан кажа дека тоа не идеја на ирачките лидери и дека ја нема поддршката на ирачкиот народ.