Во Форт Вејн, Индијана, викендов се одржа втората годишна уметничка изложба организирана во Македонскиот музеј. Музејот е единствен од овој вид во САД, а неговиот основач и директор Кристина Балоски вели дека е тешко да се поверува дека постои само две години.
Таа дошла до идејата да го направи музејот пред 6-7 години кога видела изложба на македонски носии во Канада и помислила дека е штета што такво нешто нема во САД, а толку многу луѓе ги имаат истите работи во нивните ормани, и никој не ги користи.
Мисијата на овогодишната изложба беше да се привлечат и информираат Американците. Голем број млади уметници беа поканети да учествуваат со свои трудови, за кои ова беше голем настан.
Мајкл Боверс е еден од нив, кој вели – ова е чекор кон остварување на сонот – негови дела да бидат јавно изложени.
Изложбата привлече многумина од македонската дијаспора во САД. Брачниот пар Ацеви неуморно собира средства за потребите на македонски училишта и болници се Ацеви.
„Последните три години одиме во Македонија да купуваме комплети учебници за децата. Имавме успешни акции во Охрид, Преспа, Битола и Прилеп, Годинава мислевме да појдеме на други места, но дознавме дека македонската влада ќе обезбеди учебници на оние на кои тие им се потребни. Така, сега собираме пари од нашите луѓе и од други Американци и наместо книги, парите ќе ги употребиме за Болницата за дечји болести во Скопје“, вели Стефани Ацев.
Генералниот конзул на Република Македонија во Детроит, Јордан Веселинов, специјално допатува во Форт Вејн за настанот. За конгресменот од Индијана, републиканецот Марк Саудер, беше чест да биде меѓу македонските пријатели. Тој потсети дека Форт Вејн е домот на Македонската патриотска организација и на списанието „Македонска трибуна“, а за изложбата кажа дека е одраз на богататата традиција на македонската заедница.