Линкови за пристапност

ММФ Економскиот учинок на Македонија охрабрува


Економскиот учинок на Македонија охрабрува - тоа е оценката на Такатоши Като, заменик на генералниот директор на Фондот, кој смета дека постои стабилен растеж, ниска инфлација, пад на невработеноста, и значително подобрување во платниот биланс. Според него, фискалната дисциплина, внимателната монетарна политика и структурните реформи, заедно со кандидатурата за членство во ЕУ, треба да помогнат да се зголеми довербата и да дојде до намалување на каматните стапки, што би ја ставило Македонија на пат на побрз економски растеж.

Во синоќа издаденото соопштение до јавноста по извршениот прв преглед на стенд-бај аранжманот со Македонија тежок околу 74,5 милиони долари, Като вели дека “солидната фискална политика ја поддржала макроекономската стабилизација“ и оценува дека властите се придржуваат до ветувањето за фискална одговорност и одбивање на притисоците за трошење. „Тоа е евидентно од последната одлука на властите во врска со побарувањата за пензиските квалификации“, се наведува во соопштението. Овој претставник на Фондот смета дека натамошните реформи во јавниот сектор ќе помогнат да се одржи фискалното прилагодување и да се создаде простор за поголемо јавно инвестирање.

„Структурните реформи веќе придонесоа за подобрена бизнис-средина но натамошните мерки ќе ја зголемат конкурентноста и ќе помогнат во подготовка за евентуално членство во ЕУ“, вели Такатоши Като, наведувајќи ги како успеси едношалтерскиот систем за регистрирање на компании и приватизацијата на ЕСМ, за која додава дека треба да биде проследена со мерки за продавање на преостанатите акции од телекомот и либерализација на тој сектор, во согласност со постојните евроинтеграциони заложби. Реформата на судството, оценува заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, само дополнително ќе помогне во натамошна поддршка на деловниот развој.

XS
SM
MD
LG