Линкови за пристапност

Ева Новотни:  Прогнозите за членство во ЕУ до 2020-та - шпекулации


Австриската амбасадорка во САД Ева Новотни во интервјуто за Гласот на Америка вели дека без оглед која земја се наоѓа на ротационото претседателство на Европската Унија, целта во однос на Балканот е иста: да им даде шанса на сите држави во регионот да станат членки.

Па сепак, во дел од нив постои загриженост дека Унијата ќе одлучи прво да ги реши сопствените проблеми па потоа да пристапи кон натамошно проширување. Во најновата прогноза за развојот на глобалната економија на Аналитичкиот оддел на магазинот Економист стои дека само Хрватска, покрај веќе планираните Бугарија и Романија, ќе стане членка на Унијата во блиска иднина, додека Македонија со другите земји од регионот ќе влезе до 2020-та. Амбасадорката Новотни е против предвидувањата со конкретни датуми на прием: “Не би ја земала прогнозата до 2020-та сериозно. Тоа се шекулации. Што се однесува до Хрватска, таа е на добар пат. Но, бескорисно е и нема смисла да се наметнуваат крајни рокови“.

Укажувајќи дека Унијата ќе се обиде да го интегрира Западниот Балкан што е можно побргу, без непотребни одлагања, првиот човек на Австрија во САД додава и дека датумот на приемот се одредува според успешно спроведените реформи на земјите-кандидати. Во Југоисточна Европа, вели амбасадорката Новотни, Унијата ќе го проценува напредокот во реформите на секоја земја поединечно. САД и Европската унија, смета таа, делат иста цел за овој дел од светот – мирен и демократски регион каде владее законот и се почитуваат човековите права.

XS
SM
MD
LG