Линкови за пристапност

Стивен Маер:  засега без доволна поддршка за демаркацијата


Професорот од Националниот Институт за одбрана во Вашингтон Стивен Маер оценува дека засега нема доволна меѓународна поддршка за демаркација на границата со Косово. Евентуалниот договор меѓу премиерите на Македонија и Косово може да биде испратен до ОН, вели Маер, но не верува дека тој ќе биде прифатен од преговарачките тимови во Виена.

Зошто се́ уште не е извршена демаркација на северната границата со Косово? Професорот Маер вели: „Процесот (со демаркацијата) е заглавен затоа што меѓународните посредници и косовските Албанци гледаат кон крајот на процесот, кога Албанците се надеваат дека ќе имаат независност, ќе бидат надлежни и ќе бидат во можност да постигнат подобар договор откако ќе завршат преговорите за конечниот статус“.

Тој се согласува со очекувањата на македонските власти дека демаркацијата треба да се случи пред да биде постигнато конечно решение за покраината, но смета дека засега нема доволна поддршка од меѓународната заедница за таков чекор.

Спроти најавената посета на косовскиот премиер Агим Чеку кон крајот на април во Скопје и најавите унилатерално да потпише документ со кој ќе каже дека Косово ја признава меѓународно потврдената гранична линија, Маер коментира: „Може да ја пратат до ОН, но не верувам дека ќе има успех. Дури и доколку македонскиот и косовскиот премиер постигнат договор, мислам дека преговарачите во Виена ќе го стават документот во мирување“.

Како причина за тоа тој образложува дека е познато кој ја контролира границата од македонска страна, но меѓународната заедница засега го нема одговорот кој ќе ја контролира од другата страна. Евентуално независно Косово позитивно ќе се одрази врз Македонија, особено врз македонските Албанци, затоа што ќе се унапредат нивните трговски, семејните врски, а со тоа ќе се смират и страстите, смета овој поранешен службеник на ЦИА.

Колку се важни фер и демократски избори во Македонија на патот кон НАТО. Реални ли се очекувањата од самитот во Рига?

„Од она што го читам и од комуникацијата со други луѓе – нема да има дополнителни покани на Самитот во Рига. Не можам да гарантирам, но такви индикации добивам“, вели Стивен Маер.

Македонија треба да е внимателна што носи по себе членството во НАТО, што значи тоа за нејзиниот национален интерес, но и дали може да си дозволи финансиски да биде дел од Алијансата, заклучува експертот за Балканот, професорот Маер.

XS
SM
MD
LG