Линкови за пристапност

Даниел Фрид ја појаснува изјавата околу името и членството во НАТО и ЕУ


Во врска со неговата изјава дадена пред претставници на грчки медиуми, што беше пренесена во македонските гласила како - ако Македонија сака да стане членка на НАТО и ЕУ, треба да постигне договор со Грција за прашањето со името“, американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Даниел Фрид смета дека медиумските извештаи испуштиле финеса од суштинско значење.

Далиел Фрид објаснува дека рекол оти Македонија треба да има добар сосед во Грција, и дека САД ја поддржуваат аспирацијата на Македонија да се приклучи кон ЕУ и НАТО.

„САД ја признаваат Македонија – како Македонија. Ние повеќе не велиме ФИРОМ. Донесовме таква одлука и на тоа стоиме. Но, во исто време, ја поддржуваме преговарачката патека на Нимиц преку ОН и веруваме дека Македонија и Грција треба да работат со Нимиц и да дојдат до решение. Ние ќе поддржиме такво решение“, изјави Фрид во интервјуто за Гласот на Америка на македонски.

„Во однос на цитатот, тоа што реков беше - ако Македонија сака да се приклучи на ЕУ и НАТО со име што не е ФИРОМ, треба да работи со Грција. Тоа го реков“, подвлече Даниел Фрид. “Грција се однесуваше коректно и дозволи Македонија да преземе активности кон членство во ЕУ, да преземе некои почетни чекори, како ФИРОМ. Но, тие не се обидоа да ве блокираат. Дадоа збор и така постапија. Ако Македонија сака да се приклучи како Македонија, треба да работи со Нимиц и со Грците за да се најде решение. Но, нашата позиција е јасна“.

САД, според Фрид, веруваат дека Грција сака да биде довар сосед на Македонија: „Грците ни велат дека нема други прашања, други проблеми со Македонија освен името и дека тоа е последното преостанато прашање. Се надевам дека тоа е така и ние секако поддржуваме добри грчко-македонски односи“.

Амбасадорот Фрид не мисли дека демаркацијата на границата со Косово ќе претставува позначаен проблем и дека границата ќе треба да биде дефинирана како дел од процесот за финалниот статус на покраината:

На прашањето дали тоа значи во рамки на преговорите за статусот, Фрид со коментар:

“Токму за тоа се работи. Јас не сакам да прејудицирам, зашто тоа е дел од процесот на преговори за статусот. Но, многу е јасно дека ние не сакаме промени на граници, и дека апсолутно немаме толеранција за ничии иредентистички или националистички барања. Ние сме апсолутно еднакви во осудата на такви барања, сеедно дали доаѓаат од Косово, Албанија, Србија или Македонија, или од која и да е друга земја – апсолутно сме еднакви кон сите во ставот за непроменливост на граници, дека нема толеранција за иредентизам или пак враќање на периодот на балкански војни - ништо од тоа“.

XS
SM
MD
LG