Линкови за пристапност

Буш го смени шефот на кабинет


Претседателот Буш рече дека Енди Кард и служел на нацијата во историски времиња на војна и мир.

„Во сите предизвици и постигнувања, се потпирав на мудрите совети од Енди, на неговата смиреност за време на криза, на неговиот апсолутен интегритет и неуморен ангажман во служба на народот. Енди е почитуван од своите колеги за неговата скромност, чесност и мудрост.“

Кард ќе се повлече од функцијата на 14-ти април, откако мина пет ипол години на местото кое бара многу ангажман. Од терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва и војните во Авганистан и Ирак, Кард беше во првиот бурен мандат и придонесе за реизборот на претседателот.

„Најчесто Енди беше првиот кој доаѓаше во Белата куќа и меѓу последните кои заминуваа. Изминативе години го запознав Енди многу повеќе од само како шеф на кабинет. Тој заминува од Белата куќа, но секогаш ќе ми остане пријател.“

Претседателот и госпоѓа Буш го познаваа Кард и неговата сопруга повеќе од 20 години. Тој беше заменик-шеф на кабинет и секретар за транспорт во администрацијата на Буш постариот. Кард беше специјален помошник во Белата куќа за време на мандатот на претседателот Роналд Реган. Долгогодишниот советник беше прв избор на претседателот за функцијата шеф на кабинетот во Белата куќа во 2001-ва.

Но, рекордното опаѓањето на рејтингот на Буш и серијата потфрлања во односите со јавноста, врзани со неуспешната номинација за Врховниот суд, „протекувањето“ на информацијата за тајни програми за прислушување и негодувањето од Републиканците за договорот за стопанисување со шест пристаништа во САД од страна компанија од Дубаи, предизвикаа зголемување на повиците во партијата на претседателот за промени во кабинетот.

Тој ќе биде заменет со уште еден долгогодишен инсајдер – директорот за буџетот Џош Болтен, кој исто така служеше во кабинетите на Буш и Реган.

Претседателот Буш вели дека Болтен е креативен политичар и стручњак за буџет и економија.

„Тој е почитуван од членови на Конгресот во обете партии. Тој е силен поборник за ефикасно и одговорно раководење на федералната влада. Тој е човек со смисла за хумор и отвореност, таков што презема одговорност и знае како да биде лидер во тимот.“

Претседателот Буш вели дека во следните три години ќе се бара повеќе од луѓето кои и служат на државата во војната против глобалниот тероризам и можностите за ширење на американската економија. Тој кажа дека е почестен од присуството и работата на Кард во неговиот кабинет и изрази голема доверба во неговиот иден шеф на кабинет.

XS
SM
MD
LG