Линкови за пристапност

Претседателот Буш оптимист дека американските трупи ќе победат во Ирак


И покрај продолжителното насилство, Буш вели дека е сигурен за ирачката иднина.

„Можеме да ги видиме контурите на слободен и безбеден Ирак, цел за која, ние и ирачкиот народ, се бориме“.

Со речиси две третини од Американците кои не го одобруваат начинот на кој претседателот се справува со војната, тој ја продолжува кампањата за да ги разубеди за неговата стратегија за успех во Ирак.

Почнувајќи со говорот во понеделникот во Охајо и земајќи го предвид денешното обраќање во сојузната држава Западна Вирџинија, г-динот Буш ја одржува таа кампања, изјавувајќи пред новинарите дека е важно Американците да разберат колкав напредок досега е постигнат.

„Терористите не се откажуваат, тие се тврдоглави, тие сакаат да убиваат. Претстојат уште многу тешки битки. Нема дилема дека секташкото насилство ќе биде спречено од ирачката влада и подобро обучени полициски сили. Сепак, напредуваме и важно е американскиот народ тоа да го разбере“.

Претседателот рече и дека е охрабрен од активностите на ирачките политичари кои работат на формирање влада на национално единство и ги отфрла сугестиите дека Ирак паѓа во граѓанска војна.

Заради фактот што секојдневно умираат 50 до 60 Ирачани, ирачкиот преоден премиер Ијад Алави за Би-Би-Си изјави – „Ако ова не е граѓанска војна, тогаш, не знам што е“.

Претседателот истакна дека секако претстојат предизвици.

„Гледам напредок. Сум чул коментари дека сум бил оптимист заради самиот оптимизам. Но јас верувам дека ќе успееме. Разбирам колку е тешко. Не ме сфаќајте погрешно, вие јасно ставате до знаење колку е тешко, тоа го слушам и од нашите трупи, секоја вечер ги читам и извештаите. Сепак верувам дека ова е момент кога Ирачаните беа во ситуација да се распаднат, но тоа не се случи“.

Претседателот кажа дека оптимизмот го базира на фактот што ирачаката армија не се поделила на секташки фракции, а верските лидери работеле на намалување на тензиите по минатомесечниот напад врз светиот шиитски храм во Самара.

Г-динот Буш рече дека дел од стратегијата на терористите е создавање хаос со одмазнички убиства, напади со автомобили-бомби и киднапирања, што Американците можат да ги видат на телевизија.

„Ова создава чувство на загриженост меѓу нашиот народ и тоа има смисла. Го знам тоа. Ова е и една од причините зошто е важно да продолжам со обраќањата и да објаснам зошто имаме стратегија за успех, зошто можеме да успееме. Ќе повторам, доколку не верував дека можеме да успееме, немаше да бидеме таму. Немаше да ги испратам нашите деца во таа земја. Се сретнав со премногу семејства кои ги изгубиле своите најмили и немаше да можам да ги погледнам во очи, ако не мислам дека го правиме вистинското нешто“.

Претседателот Буш кажа дека го прави вистинското нешто, бидејќи демократијата во Ирак ќе инспирира дел од светот кој, како што вели, е очаен за реформи.

XS
SM
MD
LG