Амбасадорот на Република Македонија во Вашингтон, Никола Димитров на крајот од неговиот 4-годишен мандат се навраќа и потсетува на случувањата во САД врзани за неговата земја.
Очекува продолжување на американската поддршка, базирана врз партнерски релации. Димитров смета дека на почетокот од 2008-та, Македонија може да очекува покана за членство во Алијансата.
Maкедонскиот амбасадор во САД Никола Димитров вели дека новиот објект е лицето на Македонија во Вашингтон. Луѓето кои не биле во земјата, првата асоцијација по споменувањето на името на државата е каде е амбасадата - како изгледа таа, вели Димитров. Според него, репрезентативна амбасада е исклучителен фактор за нашиот имиџ во странство.
Амбасадор Димитров со мислење за незатвореното прашање со Косово:
Во рамките на процесот што ќе донесе финален статус, дали тоа ќе биде кон средината или крајот на преговорите, но како дел од пакетот што ќе го затвори тоа прашање, ќе ја реши демаркацијата на границата.
Димитров се потсетува на најрадосниот момент во неговиот четиригодишен мандат како амбасадор на Македонија во Вашингтон - признавањето на уставното име од страна на САД:
Тој момент донесе многу радост во Македонија, даде една силна поддршка на нашата државност на тоа - кои сме ние, и како се викаме. Меѓутоа покажа и нешто за нашата колективна самодоверба како нација, дека со оценка на околностите и исправна позиција - може нешто да направиме. Не зависи секогаш од големите и не паѓаат работите од небо.
Колку се реални очекувањата на Македонија за брз влез во НАТО?
Очекувањата се многу реални. Јас сметам дека имаме исклучително голема можност, во првите месеци од 2008-ма, да добиеме покана за членство.
Тој препорачува интензивирање на реформите на домашен план. Продолжува елаборирањето во американскиот Сенат - зошто е важно Македонија да стане членка во НАТО.
Дали се наоѓаме во ќорсокак во проговорите за името?
Во неколку наврати сме имале случаи во неколку месеци не се случува нешто особено ново. Во таа смисла, не би рекол дека е некаков ќорсокак, има определено забавување на случувањата.
Амбасадорот Димитров признава дека не успеал да создаде една, обединета организација на македонските иселеници во САД, но вели дека успеал да ги приближи неколкуте организации на Македонците. Тоа е аманетот што Димитров му го остава на неговиот наследник во Вашингтон – да продолжи со работата за обединувањето на македонските Американци.