Линкови за пристапност

Посетата на Буш на Индија фокусирана на историскиот договор за нуклеарна соработка


Претседателот Буш и индискиот премиер Менмоан Синг минатиот јули начелно се договорија Индија да добие помош за нејзината цивилна нуклеарна индустрија, а во исто време програмата да се стави под меѓународна контрола.

Преговарачите велат дека финаланата спогодба е речиси завршена, но дека и натаму е неодговорено најтешкото прашање – како да се обезбедат гаранции дека технологијата за индиската програма за нуклеарна енергија, нема да се пренамени за производство на нуклеарно оружје.

Индија се обидува да изнајде начин за одвојување на своите цивилни и воени нуклеарни програми, кои се поврзани долго време. И САД и Индија велат дека тоа е изводливо, но претседателот Буш подвлекува дека не е лесно.

„Ова е тешко прашање за индиската влада и за американската влада. Затоа ќе продолжиме со дијалог и соработка, во надеж дека ќе постигнеме договор. Доколку тоа не се случи, ќе продолжиме да работиме во таа насока“.

Буш вели дека договорот е важен, но подвлече дека односите меѓу САД и Индија се покомплексни од постигнување на спогодбата.

„Нашата соработка со Индија е поширока од нашите дискусии за енергијата. Ова е стратешко партнерство. Партнерство кое се темели на цврсти основи поради нашите економии, армии и нашата желба да им помогнеме на демократиите како Авганистан“.

Њу Делхи требаше да биде првата станица од турнејата на Буш низ Јужна Азија, но тој попатно направи и ненајавена посета на Авганистан.

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи беше домаќин на работниот ручек во чест на неговиот американски колега во Кабул. Ова е нивна прва средба на авганистанска територија. Посетата на г-динот Буш траеше околу пет часа. Тој присуствуваше и на церемонијата на отварање на американската амбасада, а мина време и со американските и коалиционите трупи во воената база Баграм.

XS
SM
MD
LG