По само еден час од почетокот на состанокот, руската телевизија го емитуваше заминувањето на иранската делегација од комплексот каде, зад затворени врати, се одржуваше последната рунда разговори. Преговорите околу иранската нуклеарна програма започнаа во понеделникот и траеја преку пет часа, по што не беше објавена информација за некаков напредок.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повтори иранскиот став дека разговорите не се неуспешни, велејќи дека се планираат и дополнителни средби. Но ниту Лавров, ниту Иранците не прецизираа кога.
Рускиот план е Иран да збогатува ураниум во руски капацитети со цел да се осигура - како што бараат западните земји - дека Техеран не се обидува да развие нуклеарно оружје.
Александар Пикајев е директор на Одделот за разоружување и решавање на конфликти при Московскиот институт за светска економија и меѓународни односи. Тој за Гласот на Америка изјави дека нема сомнение оти преговорите завршиле со неуспех.
„Во понеделникот имаше некои очекувања дека наредниот ден веројатно обете страни ќе можат да постигнат одреден договор. Но, раното заминување на иранската делегација покажува дека преговорите не завршиле успешно“, изјави Пикајев.
Иранската делегација се враќа во Техеран, каде уште утре, се очекува да се сретне со раководителот на Руската агенција за атомска енергија, Сергеј Киријенко.
Една од целите на посетата на Киријенко на Техеран е да изврши ревизија на нуклеарниот реактор Бушер, во чија изградба помага Русија. Некои експерти најавуваат дека разговорите за компромисниот предлог на Москва ќе продолжат на маргините на неговата посета на Иран.
Александар Пикајев е скептичен дека Русија ќе може да стори уште нешто, за да издејствува договор со Иранците.
„Не сум сигурен дека можам да бидам оптимист, бидејќи постои мошне голема веројатност дека прашањето ќе биде предадено во надлежност на Советот за безбедност на ОН“, вели Пикајев.
Тој истакна дека обете страни имаат можност за некаков договор до 6-ти март, кога Меѓународната агенција за атомска енергија ќе се состане во Виена за да одреди дали иранското нуклеарно прашање ќе се предаде во надлежност на Советот за безбедност.