Министрите за надворешни работи на Македонија, Албанија и Хрватска се во Вашингтон на дводневна средба за нивното партнерство со НАТО и напредокот во акционите планови за членство.
Министерката Илинка Митрева очекува индивидуалните реформи и регионалната соработка во рамки на Јадранска група да бидат наградени од Алијансата.
„На самитот во Рига, членовите на Алијансата треба да испратат гласна и јасна порака до земјите што имаат волја, се способни и подготвени да ги бранат заедничките вредности на НАТО“, кажа Митрева.
Како пример за придонесот кон НАТО таа го издвои заедничкиот медицински тим што е дел од меѓународните сили за стабилизација во Авганистан.
Домаќинот, американскиот државен потсекретар за политички прашања Николас Барнс кажа дека за САД, ова се мошне важни земји и дека Вашингтон одржува активна политика на Балканот, со цел да им помогне да постигнат мирна и стабилна демократска иднина.
Нема сомнеж дека овие земји остваруваат напредок и ги охрабруваме така да продолжат - коментираше потсекретарот Барнс на нашето прашање за тоа што конкретно треба да исполнат земјите во блиска иднина. На листата задачи, според Барнс, останува адекватно трошење во одбраната и натамошен придонес во мисиите на НАТО.
„Сакаме секој нов потенцијален член да стори се́ што може за да ја елиминира корупцијата од официјалните владини кругови и да стави акцент на политичката слобода, слободни и праведни избори и демократски процес на домашен терен“, додаде Барнс.
Шефовите на дипломатиите на Македонија, Албанија и Хрватска имале куса средба со американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, а разговарале и со американскиот советник за национална безбедност Стивен Хедли.