Линкови за пристапност

Земјите околу Турција преземаат мерки за заштита од птичјиот грип


На граничен премин со Турција, Грузијците вршат дезинфекција на возилата. На исток, и Иран презема превентивни мерки. Еден турски државјанин на иранско-турската граница се жали: „Сакав да појдам во Иран, но не ми дадоа да влезам. Велат – кај вас има птичји грип“.

И Украина спроведува план против ширење на болеста од Турција, каде досега се потврдени 15 случаи на грипот меѓу луѓето. Повеќето се деца, а две лица веќе починаа.

Турскиот премиер тврди дека ситуацијата сега е под контрола. Тамошните заболени наводно се заразиле во директен контакт со живина, птици-преселници, или пак нивниот измет. Иако грипот засега не се пренесува од човек на човек, Светската здравствена организација предупредува дека тој би можел да се видоизмени и да предизвика пандемија што би однела милиони животи ширум светот.

Турските власти соопштија дека досега уништиле преку 300.000 грла живина. СЗО наведува дека благодарение на навременото елиминирање на живина во Хонг Конг минатата година, била избегната пандемија. Но, некои во Турција не се подготвени така лесно да се откажат од живината. Еден турски земјоделец вели: „Ги купивме за 400 до 500 долари, а сега ни велат дека мора да ги уништат. Кој ќе плати за нив“ – прашува тој.

Ситуацијата не е сериозна само во Турција. Доктор Хенк Бекедам, претставник на СЗО во Кина, вели дека таму е забележан уште еден смртен случај, и тоа во област каде порано немало случаи на грип. Досега во Кина властите потврдија осум случаи на птичји грип меѓу луѓето.

XS
SM
MD
LG