Линкови за пристапност

Грипот сее страв, шведско истражување дава надеж


Властите во Турција денес потврдија дека бројот на починати од птичји грип се накачил на 3.

Организацијата за храна и земјоделство на ОН стравува дека грипот може да добие ендемични размери во Турција. Џозеф Доминех, кој е на чело на ветеринарниот оддел предупредува дека ситуацијата претставува закана и за соседите. „Ситуацијата е загрижувачка затоа што имаме повеќе случаи отколку што очекувавме. Нормално, кога вирусот се пренесува преку допир со живина или преку трговија, имате појава на само еден случај или два...“

Меѓутоа, шведските научници од Институтот Каролинска од Стокхолм сметаат дека птичјиот грип можеби е многу почеста појава, а со тоа и понеопасна отколку што претходно се сметаше. Тие интервјуирале 12.000 луѓе од Виетман кои живеат во близина на живина. Речиси 18% имале симптоми слични на птичјиот грип. Научниците утврдиле меѓу 650 и 750 случаи со слични симптоми како резултат на допир со болна или мртва живина, а тоа е многу повеќе од официјалната бројка на 87 погодени од птичјиот грип во Виетнам.

Резултатите од истражувањето, доколку бидат потврдени, укажуваат на тоа дека луѓето кои дошле во контакт со живина развиваат инфекција, но во повеќето случаи таа е слаба и минува без специјален третман. Тоа значи дека севкупната стапка на смртност е многу помала отколку што претходно се претпоставуваше.

Светската здравствена организација, пак, смета дека на светот му се заканува пандемија од птичји грип. Последната се случи во 1968-ма година. Сепак, доколку истражувањето на шведските научници се покаже точно, стравувањата од смртоносна пандемија може да бидат – претерани.

XS
SM
MD
LG