Линкови за пристапност

Насилство, но и напредок во 2006, предвидува претседателот Буш за Ирак


Во говорот за целите на американската влада кон Ирак во новата година, претседателот Буш најави дека таа ќе донесе нови предизвици додека трае процесот на формирање на нова влада, а безбедносните сили и натаму војуваат против бунтовниците.

Не́ очекуваат пожестоки борби и жртвувања во 2006-та, зашто непријателите на слободата во Ирак продолжуваат да сеат насилство и уништување, вели претседателот. „Ќе има и напредок на патот кон победата, а до неа ќе дојде кога терористите и приврзаниците на Садам повеќе не ќе можат да се закануваат на ирачката демократија“.

Џорџ Буш оцени дека декемвриските парламентарни избори во Ирак се напредок кон демократијата, но им порача на Американците да бидат трпеливи и да не бидат изненадени доколку Ирачаните направат грешки и дојде до застој во формирањето на нова влада, затоа што ирачкиот народ се́ уште се опоравува од три децении диктаторство.

Тој рече и дека бројот на американски војници во Ирак ќе опадне на нивото пред изборите - 138 илјади. Подоцна годинава, зависно од напредокот на ирачките сили за безбедност, можно е натамошно намалување. Но, претседателот подвлече дека тоа ќе се базира врз воените проценки а не, како што кажа, нереална временска рамка што ја поставувааат политичарите во Вашингтон. Како што е познато, опозиционите демократи бараат претседателот да даде попрецизни рокови кога најголемиот дел од американските сили ќе се вратат дома.

Претседателот очекува уште еден предизвик во водењето на војната во Ирак, а тоа е интензивирањето на политичката дебата за ситуацијата во Ирак во рамки на кампањата за конгресните избори во САД во ноември годинава. Останува на гласачите да одлучат, вели Џорџ Буш: „Тие ја знаат разликата меѓу искрените критичари кои го доведуваат во прашање начинот на кој се води војната и оние партиски критичари кои тврдат дека се ангажиравме во Ирак поради нафтата, поради Израел или затоа што го залажавме американскиот народ“.

Без оглед на се`, заклучи, американскиот претседател, САД ќе останат ангажирани во Ирак и нема да прифатат ништо друго освен, цитираме, комплетна победа.

XS
SM
MD
LG