Линкови за пристапност

Распит во Конгресот за судија на Врховниот суд


Номинираниот за Врховниот Суд, Семјуел Алито се соочува со тешки прашања за моќта на претседателот и правото на абортус, за време на распитот за негово потврдување.

Клучно прашање на распитот се ставовите на судијата Семјуел Алито додека работел како правник во регановата администрација, за поддршка на извршната власт. Некои критичари тврдат дека Алито бил поборник на поголеми права за претседателот за сметка на граѓанските слободи.

Алито одговори дека и претседателот треба да го почитува Уставот и законите во државата, велејќи дека Ниту едно лице не е над законот, а тоа важи и за претседателот.

Но, Алито се воздржа од дискусија по посебни случаи, велејќи дека не сака да пресудува однапред по прашања кои може да се најдат пред највисокиот суд.

Републиканскиот претседател на сенатската законодавно-правна комисија, сенаторот Арлен Спектер од Пенсилванија, кој е поддржувач на правото на абортус, го праша Алито за изјавите дадени во регановата администрација кои се против абортусот.

Алито кажа дека Уставот го заштитува правото на приватност, што е клучната основа врз која Врховниот суд во 1973 го легализираше абортусот.

Тој исто така изрази поддршка за законскиот принцип на прецедентно право, според кој претходни судски одлуки може да се користат како принципиелни прирачници:

"Се согласувам дека во секој случај во кој има претходен преседан, прво прашање е да се види токму тоа. Претпоставка е дека судот ќе го следи претходниот преседан. Треба да има специјално образложение и оправдание за преиначување на преседанот."

Комисијата закажа два дена за испрашување. Номинираниот се очекува да биде потврден од Сенатот под водство на Републиканците до крајот на месецот.

Тој ќе дојде на местото на судијата Сандра Деј О Конор која заминува во пензија и која често беше одлучувачки глас во одлуките донесени со пет спрема четири гласови по контроверзни прашања. Многу Демократи се загрижени дека Алито може да се го сврти идеолошкиот баланс на судот кон десно.

XS
SM
MD
LG