Американската влада заканата од пандемијата на птичји вирус ја зема сериозно. Џули Гербердинг, која раководи со Центрите за контрола на болести и превенција во Атланта, Џорџија, за телевизијата Ен-Би-Си изјави дека постои план за акција доколку смртоносниот вирус мутира во форма што може да се пренесе од човек на човек.
„Само пред неколку недели, целиот кабинет вклучен во планирањето околу птичјиот грип се состана да ги разгледа различните тешки одлуки што би требало да се донесат доколку ова навистина стане непосредна закана“.
Д-р Гербердинг подвлече дека САД би биле, цитираме, добар меѓународен партнер и ќе се обидат да спречат ширење на вирусот каде и да се појави. Ќе бидат потребни неколку чекори за овој вирус да се задржи надвор од САД, но, вели таа, властите не очекуваат затварање на границите и аеродромите.
Д-р Гербердинг го предлага пристапот на здрав разум, што значи фокусирање на стратегиите за кои постои голема веројатност дека ќе го забават ширењето на вирусот, а останатите да се заштитат се додека не се појави вакцината.
„Во некои случаи, тоа би значело рано затворање на училиштата, а жителите доколку се болни, би ги советувале да не одат на работа. Ги советуваме и компаниите, училиштата и другите организации, да планираат однапред како би се справиле со ситуацијата на големи отсуства“.
Џули Гербердинг вели дека САД планираат најлошо можно сценарио, но се надеваат на најдобро, знаејќи дека понекогаш пандемиите не се толку опасни како што се очекува.