Пола Волфсон од Гласот на Америка известува од Белата Куќа дека таа тема доминирала на, како што изгледа, последната прес конференција на претседателот во оваа година.
Откритието за тајната прислушна програма го стави претседателот во дефанзива, но тој не се извини додека одговараше на прашања за тоа дали операцијата била контрадикторна со основните слободи во Америка – уставната заштита од неосновани претреси и запленувања.
Претседателот вели дека е неопходно да се реагира брзо во случаи каде има сомневање за тероризам за да се одбрани американскиот народ. Тој вели дека ја авторизирал програмата во минатото и дека и во иднина тоа ќе го прави.
"Ние знаеме дека двоминутна телефонска конверзација меѓу некој поврзан со ал-Каида овде и оперативец во странство може директно да доведе до губење на илјадници животи. За да се спасат американски животи, ние мора да реагираме брзо и да ги откриеме овие разговори за да спречиме нови напади."
Господинот Буш одговараше на прашања од новинарите во Источната соба во Белата Куќа речиси цел час, и кажа дека откривањето на тајната програма му користи на непријателот. Тој кажа дека претпоставува оти Одделот за правда ќе се обиде да го открие изворот на информацијата и не криеше што мисли за оние кои оддаваат такви организации.
"Срамно е за тој што знае такви тајни да чувствува потреба да ги открие јавно."
Претседателот кажа дека по терористичките напади од 11 септември 2001 Конгресот авторизирал чекори за заштита на американскиот народ и кажа дека тој тоа го прави без да им наштети на граѓанските слободи.
"Ја разбирам загриженоста на луѓето. Но исто така сакам да го уверам американскиот народ дека го правам она што се очекува од мене, а тоа е да ги заштитувам граѓанските слободи и во исто време ги штитам САД.
Во тој контекст претседателот продолжи охрабрувајќи го Конгресот да го реавторизира Патриотскиот акт, што ја проширува моќта на владата да врши истрага за осомничени терористи во САД. Напорите за одолговлекување на таа акција тој ги нарече неоправдани.
За време на прес конференцијата господинот Буш исто така ги обнови повиците за трпение кај Американците додека ирачките лидери формираат нова влада.
Тој исто така беше запрашан дали неточните разузнавачки информации употребени за ирачката војна прави да е потешко да се убедат другите земји за опасноста од иранските напори за развивање нуклеарна програма.
"Луѓето знаат дека Иран со способност да произведе нуклеарно оружје не е во интерес на светот. Тоа е универзално прифатено особено откако иранскиот претседател неодамна кажа дека има желба да се уништи сојузник на САД – Израел."
Господинот Буш кажа дека и натаму верува во дипломатијата како најдобар начин за решавање на проблемот. Тој индицираше дека доколку преговорите меѓу Иран и претставници на ЕУ не успеат, следниот чекор е прашањето да се префрли кај Советот за безбедност на ОН.