Линкови за пристапност

Николас Брнс: Веруваме дека може да биде постигнат договор меѓу Македонија и Грција и со тоа да се избегне евентуално ставање вето.


На конференцијата за иднината на Балканот и неговата евро-интеграција: 10 години по Дејтонскиот мировен договор, во организација на американскиот Институт за мир во Вашингтон стана збор и за патот на Македонија кои ЕУ и можноста од вето од Грција, спроти очекувањето на земјата за добивање кандидатски статус на Самитот на Унијата во декември.

„САД ја признаа Република Македонија под тоа име. Ние ја нарекуваме Македонија. Таа одлука ја донесоа претседателот Буш и поранешниот државен секретар Колин Пауел пред една година, овој месец. Знаеме дека ОН веќе десет години посредуваат меѓу Македонија и Грција во изнаоѓање решение за проблемот кои го имаат двете земји околу кое име треба да го има Македонија. Целосно ги поддржуваме преговорите во ОН и се надеваме дека Македонија успешно ќе продолжи кон ЕУ и НАТО. Веруваме дека може да биде постигнат договор меѓу Македонија и Грција и со тоа да се избегне евентуално ставање вето.“

Ова е одговорот на американскиот државен потсекретар за политички прашања Николас Брнс прашан од вашиот известувач - Колку се реални заканите од Грција да стави вето на патот на Македонија кон ЕУ?, во контекст на најавите на Атина дека ќе го задржи правото да се спротивстави на влезот на Македонија во било која меѓународна организација под име кое би било поинакво од Поранешна Југословенска Република Македонија.

Што се однесува на Босна, господинот Брнс зборуваше за постигнувањата на меѓународната заедница во напредокот на државата, 10 години по завршувањето на крвавиот конфликт во кој животот го загубија 250.000 луѓе. Но, тој оцени дека е неминовен нов пакет уставни измени и ревидирање на Дејтонскиот договор, со цел зацврстување на мултиетничкиот карактер и унитарноста на државата:

„Граѓаните на Босна и Херцеговина треба заедно да работат околу тоа како да се управува со нивната земја во следните години? Тие веќе признаа дека се непходни и нужни промени. Извршија реформи во армијата, царинските служби, даночната администрација. Исполнија 16 услови за постигнување Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Но, неопходно е уривање на последните бариери меѓу граѓаните по завршување на војната“

Американскиот државен потсекретар го повтори ставот дека неиспорачувањето на Младиќ и Караџиќ во Хаг, само го забавува процесот на Босна и Херцеговина кон нивната крајна цел – влез во ЕУ и НАТО. На конференцијата во Вашингтон беше изразена надеж дека на 20-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор ќе се одбележи во Брисел, во седиштето на ЕУ, а не во Вашингтон.

XS
SM
MD
LG