Линкови за пристапност

Ново продолжение жестоки реторики околу војната во Ирак


По двеиполгодини од војната во која досега загинаа преку две илјади американски војници и илјадници Ирачани, Демократската партија неделава ја ескалираше критиката за политиката на Белата куќа во врска со Ирак.

Но, ниту владата не остана должна. Еве ги најновите реакции.

Конгресменот Џон Мурта, поранешен маринец одликуван во Виетнам, почитуван во обете партии, беше досега најдиректен од сите демократи – за шест месеци американските војници да се повлечат од Ирак.

Нашата армија направи се што побаравме од неа. САД не можат да постигнат ништо повеќе во Ирак на армиски план. Време е да ги вратиме војниците дома.

Операцијата во Ирак, според Џон Мурта, е политика со грешки завиткана во илузија.

Владата, како и последните неколку дена, веднаш возрати на нападот. Белата куќа е вчудоневидена што угледниот конгресмен заговара повлекување а не објаснува како тоа ќе ги направи САД побезбедни. Во помалку необичен тон, кој можеби најдобро говори за вжестеноста на реториката од обете страни, во изјавата се наведува дека конгресменот ги одобрува политичките позиции на режисерот Мајкл Мур – познатиот критичар на претседателот Буш и, на, како што стои, екстремно либералното крило на Демократската партија.

Преку конгресни иницијативи, во засилена полемика и со многу медиумско влијание, битката во Вашингтон неделава може да се сумаризира вака – републиканците тврдат дека работата во Ирак не е завршена, а демократите дека нема што да се заврши. Сето тоа зачинето со меѓусебни обвинувања за нестручност, отсуство на патриотизам и јасна идеја.

XS
SM
MD
LG