Линкови за пристапност

Став на угледни американски политичари за евро-интеграцијата на Македонија


За време на вчерашниот распит во американската Сенатска комисија за меѓународни односи за иднината на Косово, стана збор и евро-атланската интеграција на земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија.

Републиканскиот сенатор од Охајо, Џорџ Воинович, истакна дека претставува императив ЕУ да разбере дека надежта за стабилност на регионот зависи од евроатланските перспективи на сите балкански земји:

„Особено важно е да се држат отворени опции за влез во ЕУ и НАТО за Македонија, Албанија, Хрватска и Србија и Црна Гора. Длабоко сум уверен дека членството во ЕУ и НАТО е заеднички именител што може да го држи регионот заедно и покрај неговите граници и историја. Се надевам дека дискусиите за членството во ЕУ и НАТО ќе бидат забрзани следната година“, оцени сенаторот Војнович.

Со него се согласува и архитектот на Дејтонскиот мировен договор и поранешен американски амбасадор во ОН, Ричард Холбрук. Тој смета:

„Долгорочна цел треба да биде комплетна интеграција на целиот Балкан во обединета Европа, вклучувајќи ја Србија, Босна, Албанија, Црна Гора, Македонија и Хрватска. Ништо не би било подобро од ширењето на зоната на слободата и демократијата кон исток, што е историска неопходност од најголем приоритет. Регионот ќе има огромни економски бенефиции од таков развој на настаните“, рече Холбрук.

XS
SM
MD
LG