Линкови за пристапност

Случајот Вранишковски во извештајот на Стејт департментот за верските слободи


Уставот обезбедува слобода на вероисповед, а македонската влада во основа ги почитува верските права, смета Стејт Департментот во делот за Македонија во редовниот годишен извештај за верските слободи, но додава дека законот поставува одредени лимити врз верските активности преку рестрикции во регистрацијата на верските групи и локациите каде може да се држат верските активности.

Стејт департментот смета дека ограничувањата содржани во Законот за верски заедници и верски групи и натаму се применуваат на групата позната како Охридска Православна Архиепископија на чело со расчинетиот владика на МПЦ Јован – Зоран Вранишковски. Оваа фракција, се вели во извештајот, е призната како архипископија од страна на Српската Православна Црква и ја негира самопрогласената афтокефалност на Македонската Православна Црква. Извештајот исто така дава детална хронологија на сите настани во врска со „случајот Вранишковски“.

Главно мирољубивите односи меѓу верите во општеството придонесоа за верска слобода, и истакнати лидери напати говореа во полза на плурализам и верска толеранција, се оценува во извештајот. Но, Стејт департментот наведува и дека јавното негирање и активизмот на Охридската Архипеископија и СПЦ против независноста на МПЦ предизвикало гневни реакции во јавноста, медиумите и Владата, и се додава дека последната често се ставала на страна на МПЦ со примена на законот против Охридската Архиепископија.

Амбасадорот на САД во Македонија и останати претставници во блиска соработка со ОБСЕ континуирано ги следат настаните во овој случај, се вели во извештајот, и на средбите со претседателот на Македонија, премиерот и црковни претставници од американска страна било побарано да се почитуваат верските слободи, правната држава како и да се практикува воздржаност во реториката од обете страни во случајот.

Американски претставници, според извештајот, биле вклучени во процесот на враќање на имот на Еврејската заедица во Скопје, а учествувале и во настани и предавања за промоција на верска толеранција.

XS
SM
MD
LG