Линкови за пристапност

Брнс: Македонија има многу да понуди во смисла на искуството во промоцијата на мултиетнички концепт


Косово – чекор напред? - на оваа тема во Сенатската комисија за меѓународни односи се одржа распит на која државниот потсекретар за политички прашања Николас Брнс уште еднаш го потенцираше ставот на САД дека e невозможно Косово да се врати на состојбата пред 1999-та, но исто така нагласи дека во преговорите за конечниот статус нема да има промена на границите во регионот или пак, поделба на покраината.

Специјалниот пратеник на ОН за преговорите за конечниот статус на Косово, Марти Ахтисари, до крајот на годината најмалку два пати ќе претстојува во Белград и Приштина да го подготви теренот, а во јануари се очекува да стартуваат тешките преговори. САД мошне скоро ќе назначат специјален претставник во преговарачкиот процес. Брнс оцени:

Сметаме дека за САД во овој момент е соодветно да не поддржуваат конкретно решение во преговорите. Многу е битно самите политички страни да изнајдат решение за иднината и да одговорат на прашањето што се актуелизира во јуни 1999-та – каква ќе биде иднината на Косово?

Брнс притоа не го исклучи и влијанието, конструктивноста и давањето идеи за конечниот статус на Косово од страна на неговите соседи, а не само од Контакт-групата:

Секако, Македонија има многу да понуди во смисла на искуството во промоцијата на мултиетнички концепт. Грција е многу важна земја во регинот со оглед на историска инволвираност и нејзините економски врски и инвестициите.Тука е и Албанија, која ќе биде важна во образувањето на конечниот исход.

Тој смета дека ниту една страна во преговорите не треба да се надева дека целосно ќе и́ бидат остварени барањата. За да се постигне конечно решение, двете страни треба да се подготвени на компромис. Американскиот државен потсекретар за политички прашања го повтори ставот на САД дека нема враќање на состојбата пред 1999-та, промена на границите, или пак поделба на Косово. Тој упати две пораки. Една за косовските Албанци, дека независноста треба да се заработи. Тоа подразбира владеење на правото и изградба на демократски иституции, децентрализирана власт и заштита на малцинствата. Конечно, Косово треба да ги увери соседите дека нема да „извезува“ нестабилност, рече Брнс. На косовските Срби, Брнс им порача: Мора да учествуваат во институциите на локалната власт. Ако одбијат да учествуваат на изборите и во косовското Собрание, тогаш ќе ја испуштат шансата да кажат нешто за иднината на Косово, истакна Брнс.

XS
SM
MD
LG