Линкови за пристапност

Бучковски:  очекувам американска поддршка за членството во НАТО и ЕУ


Вашингтон, 25 октомври 2005. Шефот на македонската влада по средбата оптимист – со верба дека нема да изостане американската поддршка за Македонија.

„Како што во клучниот период во ноември минатата година беше признато нашето уставно име, очекувам во периодот што претстои да ја добиеме поддршката од САД околу нашите аспирации да бидеме членка на НАТО во 2008-ма година и до крајот на оваа година да го имаме статусот кандидат за членство во ЕУ“, рече премиерот Бучковски.

На средбата не станало збор за најновиот предлог на посредникот Метју Нимиц во врска со името. Македонскиот премиер коментираше и зошто:

„Не, не разговаравме за тоа, затоа што е доволно. Некогаш делата многу повеќе кажуваат отколку зборовите“.

Премиерот Бучковски оцени дека генерално очекување во врска со разговорите за финалниот статус на Косово е сите да бидат конструктивни и да бараат заеднички прифатливо решение што ќе биде во согласност со основните принципи промовирани во извештајот на амбасадорот Аиде.

„Јас го истакнав нашето задоволство што во извештајот на амбасадорот Аиде се почитуваат двата принципа што се исклучително битни за Република Македонија, а тоа е дека евентуалното решение на финалниот статус на Косово ќе ги почитува неменливоста на границите како основен принцип, и второ - што за нас е исклучително битно - дека демаркацијата на границата меѓу Македонија и Косово ќе се случи пред финалниот статус“.

На состанокот, според премиерот, станало збор и за она што тој го оцени како “топ-приоритет за Македонија - подобрување на бизнис-климата и евентуалната можност многу повеќе светски познати компании од САД да бидат присутни во Република Македонија“.

По средбата во Стејт департментот, премиерот Бучковски се состана и со директорот на Светската банка Пол Волфовиц, поранешниот виш претставник на американската администрација кој нашироко се смета за еден од главните архитекти на американскиот ангажман во Ирак. За денес тој има средби со првите луѓе на Меѓународниот монетарен фонд и неколку истакнати американски сенатори.

XS
SM
MD
LG