Линкови за пристапност

Премиерот Бучковски посетата на САД ја започнува со средба со државниот секретар Кондолиза Рајс


Доцна вечерва по македонско време премиерот Бучковски ќе има одвоени средби со американскиот државен секретар Кондолиза Рајс и со првиот човек на Светската банка, Пол Волфовиц.

На неговиот дневен ред во Вашингтон наредниве неколку дена се и средби со американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд, со првите луѓе на Меѓународниот монетарен фонд и со неколку сенатори.

Во Фондацијата Херитиџ тој ќе говори на тема „Градење нови демократски перспективи за Балканот“, а в среда ќе го отвори новиот објект на Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон. Во четврток, веднаш по средбата во Белата куќа, премиерот Бучковски ќе биде гостин на Гласот на Америка каде ќе одржи прес-конференција.

По Вашингтон, македонскиот премиер ќе ги посети Њујорк, каде ќе се одржи Донаторска конференција за Македонија во организација на Програмата за развој на Обединетите нации, и Детроит, каде ќе се сретне со македонските иселеници.

Во најавата од Белата куќа стои дека претседателот Буш и премиерот Бучковски ќе разговараат за заедничката заложба за ширење на слободата и демократијата во Југоисточна Европа и пошироко. Во неа Македонија се нарекува близок пријател и сојузник на САД, која бележи успех во процесот на евроатлантска интеграција и дава важен придонес за мирот и безбедноста во странство.

XS
SM
MD
LG