Линкови за пристапност

Историја на птичјиот грип


Кога птиците фаќаат грип, тоа обично е умерена форма што одвај ги потресува нивните перја. Но одвреме навреме, ги погаѓа вирусен грип како овој што се шири низ светот и кој научниците го идентификувале како H5N1. Вирусен птичји грип за прв пат бил откриен во Италија во 1878. Исклучително бил заразен меѓу птиците и брзо станал смртоносен, со стапка на смртност блиску до 100 проценти.

Оттогаш оваа вирусна форма е видена стотина пати, но никогаш не била поврзана со луѓето до избивањето на болеста во Хонг Конг во 1997. Тоа било прв пат здравствените работници да станат свесни дека птичјиот грип може да помине на луѓе. Начинот на пренесување бил контакт со инфицирана живина.

Човекот кој го води истражувањето за инфективни болести за американската влада е Ентони Фочи.

"Првото искуство со вирусот H5N1 беше во 1997 во Хонгконг. Имаше 18 случаи на заболени и шест смртни случаи. Властите на Хонг Конг соодветно реагираа со уништување на речиси сета живина што навистина го спречи ширењето на болеста. За жал, таа повторно се појави во 2003, 2004, и 2005."

Птичјиот грип може да се шири преку меѓународна трговија со живина. Преселните птици, особено пловните, исто така придонесуваат за нејзино распространување.

"Со птиците преселници кои одат на големи далечини и можат да заразат други јата во различни земји, ситуацијата станува уште попроблематична.“

До 2003, вирусот H5N1 се појави и во Јужна Кореја, иако географскиот епицентар наскоро стана југоисточна Азија, главно Виетнам, но и Тајланд, Камбоџа и Индонезија. Има потврдено речиси 120 случаи на заболени луѓе во овие четири држави, од кои 60 умреа, што е смртност со стапка од 50 проценти.

Болеста се прошири кон запад, преку источна Азија, но не предизвика човечки жртви надвор од Азија. Ниту пак имало потврдени случаи на, како што велат здравствените стручњаци, трансмисија на птичјиот грип меѓу луѓе. Лекарот Грегори Поланд е истражувач на вакцини во Колеџот за медицина на Мајо Клиниката во Минесота.

"Сега болеста го убива својот примарен домаќин, птицата. Го прошири досегот врз тигри и домашни мачки. Директно инфицираше луѓе. Единствената работа што се уште не сме ја виделе е успешно да се пренесува од човек на човек."

За веројатноста тоа да се случи во големи размери и да започне нова пандемија, треба да се погледне во 1918-та година. Тоа беше почеток на болеста која уби меѓу 40 и 60 милиони луѓе во светот за две години. Испитување на гените на зачуваните вирусни примероци покажаа дека и тој произлегол од птиците и добил способност да се пренесе од човек на човек многу брзо.

Ендру Џакомас го преживеал грипот и се сеќава:

"Имавме мали ковчези за бебиња кои се протегаа на површина од неколку улици."

Доколку вирусот на птичјиот грип остане заразен како што е сега, експерти како Грегори Поланд велат дека бројот на смртни случаи може да биде и поголем од оној во 1918.

"Мислам дека ништо во нашата историја, војна, или светска војна, ураган или што било друго, не може да се спореди со потенцијалната уништувачка моќ на пандемија на ваков грип."

XS
SM
MD
LG