Линкови за пристапност

Забележано намалување на бројот на војните и геноцидите


Овогодишниот извештај за човекова безбедност, покажува дека повеќето од вообичаените верувања за војните се погрешни. Еден од главните автори на извештајот, политичкиот научник од Канада, Ендрју Мек, наброи неколку за време на неодамнешната прес-конференција во ОН.

На пример, вели тој, бројките покажуваат дека има помалку војни во кои се вклучени државите, а се намалува бројот и на геноцидите и другите политички мотивирани убиства. Г-динот Мек вели дека овие информации дошле како големо изненадување за претставниците на ОН.

„За многумина во ОН, 90-те беа најлошата деценија што ја искусила оваа организација. Ова беше деценија во која се случија Сомалија, Сребреница, Руанда и слично, а сепак реалноста е дека за време на овој период иако се случуваа овие ужасни конфликти, вкупниот број на војни се намалил.“

Тој уште вели дека бројот на лицата загинати како резултат на вооружени конфликти е на најниско ниво од ерата на Корејската војна. Според овој аналитичар, постојат неколку причини за намалување на бројот на војните и геноцидите. Меѓу нив се зголемената улога на ОН во превенција на конфликтите, завршувањето на Студената војна и крајот на колонијализмот.

Сепак, главната причина, вели Ендрју Мек е што едноставно се менува концептот на војните.

„Повеќе немаме огромни војни, со огромни армии, огромни ангажмани, тешко конвенционално оружје. Повеќето од денешните војни се војни со помал интензитет водени со лесно, мало оружје. Честопати во сиромашните земји тие се екстремно брутални, но притоа не гинат голем број луѓе.“

Сепак во извештајот се наведува дека меѓународниот тероризам е во пораст. Американскиот Центар за антитероризам забележува пораст, од 175 поголеми терористички инциденти во 2003, на 651 инцидент минатата година, и тоа поголемиот дел од нив поврзани со Кашмир. Но господинот Мек вели дека додека тероризмот е во пораст, не секогаш претставува закана по безбедноста како што се претставува.

„Меѓу митовите што ги истражуваме е идејата дека меѓународниот тероризам е најголемата закана по глобалната безбедност. Во суштина, годишно од меѓународниот тероризам гинат само мал број луѓе споредено со бројот на загинатите во војните.“

Извештајот за човекова безбедност заклучува дека светот можеби станува помирен, но тоа сепак не е утеха за луѓето во места како Дарфур, Ирак, Конго или Непал.

Оваа студија е спонзорирана од владите на Канада, Норвешка, Шведска, Швајцарија и Британија. Можете да ја погледнете на Интернет, на www.humansecuritycenter.org.

XS
SM
MD
LG