Линкови за пристапност

Загревање за почеток на преговорите за финалниот статус на Kосово


Џудит Латам разговараше со британски, српски и косовски новинари за комплексноста на најавените преговори, во кои е вклучена можноста од независност на Косово.

Во 1999-та, трупите на НАТО предводени од САД интервенираа во име на бегалците - косовските Албанци, кои беа избркани од Косово од српските сили на режимот на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ, кој се наоѓа во Хаг. Британскиот новинар и известувач од ОН Иен Вилијамс вели дека многу години меѓународната заедница нема волја да го отвори прашањето за конечниот статус на Косово:

„Ова е прашање кое сите сакаат да го одложат, но секако дека во ОН на крајот мора да се разговара за независност. Повеќето од населението се етнички Албанци и нема шанси повторно да бидат дел од Србија. Тоа е факт„.

Но, Слободан Павловиќ дописник на независната српска телевизија БК, вели дека како дополнување на сериозните проблеми кои се однесуваат на правата на српското малцинство на Косово, политичарите во Белград имаат и домашни грижи. Тоа ја ограничува нивната флексибилност во преговорите за финалниот статус на Косово:

„Факт е дека Србите се уште гледаат на Косово како дел од нивната земја и не се подготвени да ја прифатат реалноста за која мора да прифатат и значајни промени. Тоа е деликатно прашање, особено за белградските политичари. Ќе биде тоа одлука на Албанците и Србите, но и обете страни мора да се подготвени на компромис. Искрено, не гледам српски политичар кој ќе прифати компромис, кој ќе се однесува на условната или неусловна независност на Косово. Тоа би било политичко самоубиство за нив.“

Афердита Келменди, директор на радио-телевизијата 21 во Приштина, смета дека огромното мнозинство Косовци се за независност. Според неа, за финалниот статус на покраината треба да разговараат косовските Албанци и Срби, а не политичарите во Белград:

„Правата на етничките Албанци треба да биде прашање кое ќе стои во Уставот на Косово. Проблемот е што косовските Срби во изминатите години никогаш не седнале со косовските Албанци да разговараат за нивните прашања. Меѓу нив секогаш била Србија. Двете заедници треба да имаат директен пристап до другите. “

Сепак, британскиот новинар, подвлече дека покрај сериозните политички тензии меѓу косовските Албанци од една страна и Србите и другите малцинства од друга страна, економската ситуација на Косово е очајна, иако некои аналитичари посочуваат дека евентуалното членство во ЕУ е поттик за промени:

„Тоа е голема награда претставена пред сите нив. Слични проблеми има во сите балкански држави. Регионот е премногу мал за национални граници, кои ја попречуваат трговијата. Дури и во чекалната на ЕУ, тие имаат подобра иднина отколку да бидат надвор. Се што се движи во разбистрување на нивниот статус ќе им помогне за излез од сегашното статус кво.“

Странските новинари сметаат дека решавањето на конечниот статус на Косово е само почеток на долг процес, кој ќе треба внимателно да се набљудува. Тие оценуваат дека НАТО, американските трупи и КФОР најверојатно ќе бидат потребни уште некое време на Косово.

XS
SM
MD
LG