Линкови за пристапност

Нобеловци за медицина – за откритие за стомачниот чир


Добитници на овогодишната Нобелова награда за медицина се двајца австралиски научници за нивното откритие дека стомачниот чир и чирот на дигестивниот систем се предизвикани од бактерија, а не од стрес.

Како што известува Роџер Вилкинсон, шведската комисија за Нобелова награда истакнува дека со откритието се докажува оти чирот може да се третира со антибиотици, наместо со оперативен зафат.

Бери Маршал и Робин Ворен ја примиле веста за наградата додека се подготвувале за заедничка вечера во Перт.

Тие повеќе не работат заедно, но во 1982 постигнале, како што вели Нобеловата комисија, неверојатно и неочекувано откритие, дека гастритисот и чирот на дигестивните органи, се резултат на инфекција предизвикана од тогаш непозната бактерија.

Потоа следеше тешка битка овие научници да го докажат откриеното.

Д-р Маршал вели дека била потребна речиси една деценија пред откритието да биде нашироко прифатено во медицинските кругови.

Во почетокот никој не ни веруваше и се разбира сите мислеа дека знаат што го предизвикува чирот, дека тоа е стресот и велеа – ја знаеме причината за појава на чир и не ни се потребни нови причини.

Д-р Маршал намерно се инфицирал со бактеријата што тој и неговите колеги открија дека предизвикува акутен гастритис, нешто што Комисијата за Нобелова награда го опиша како неверојатен акт што ја покажува непоколеблива определба во неговото истражување.

За откритието, д-р Маршал и д-р Ворен ќе го поделат чекот во висина од 1,3 милиони долари.

Ова е првата од серијата Нобелови награди за 2005. Во наредните неколку дена во Шведска, ќе бидат соопштени и наградите за физика, хемија, економија и литература. Нобеловата награда за мир, што се доделува во Норвешка, ќе биде соопштена в петок.

XS
SM
MD
LG