Еден ден по ударот на ураганот Катрина на територија што го покрива источен Тексас и Луизијана, направени се проценки за потребите на регионот и иницијалните напори за опоравување се движат нанапред. Има извештај за само еден смртен случај во државата Мисисипи за што директно се обвинува невремето, а оштетувањето на нафтената инфраструктура на регионот е во ограничени размери.
На тексашкиот гувернер Рик Пери му се олесни. Зборувајќи на емисијата "Фокс Њус Сандеј," гувернерот кажа дека не изгледа дека од Рита има човечки жртви по нејзиното преоѓање на копното со ветрови од 190 километри на час:
"Сеуште се вршат проценки. Добри вести се што изгледа дека не е загубен ниеден живот во Тексас. Тоа е речиси чудо во невреме од овие размери. Се разбира ова е прелиминарно."
Можеше да биде многу полошо. Пред неколку недели ураганот Катрина остави стотици мртви во крајбрежните населби во Луизијана и Мисисипи и предизвика масивни поплави во Њу Орлеанс.
Но гувернерот Пери кажа дека Рита била далеку од безопасна и ги повика евакуираните од Тексас да не брзаат со враќањето дома.
"Имаме многу оштетувања на домовите и многу комерцијална штета. Струјата е голем проблем во моментов. Ние работиме во двојни прекувремени смени да најдеме доволно генератори. Расчистувањето е на самиот почеток. Сакаме да ги повикаме луѓето кои се евакуирани да останат таму каде што се. Да не се враќаат во областа. Сеуште е опасно. "
Потешко погодени беа оддалечените заедници во јужна Луизијана кои одвај почнаа да се опоравуваат од ураганот Катрина кога ги погоди ураганот Рита, со нов налет на тешки поплави. Додека водата растеше, спасувачките работници извлекоа стотици жители на Луизијана, од кои некои со хеликоптери. Шерифот на општината Вермилион, Мајкл Кувилон зборуваше на емисијата на ЕнБиСи "Тудеј Шоу":
"Неверојатно е колкава помош добивме. Имавме армија, национална гарда, државна полиција. Имавме доброволци кои дојдоа од секаде."
Њу Орлеанс во меѓувреме одново беше поплавен во некои делови по попуштањето на насипите кои беа поправени по Катрина.
Сенаторот на Луизијана Мери Лендру за емисијата на СиЕнЕн "Лејт Едишан" кажа дека нејзината држава претрпела два нокаута.
"И двете невремиња беа катастрофални за Луизијана, и додека јужниот дел на државата беше директно погоден од вода и ветер и колабирањето на ншиот заштитен систем, цела Луизијана беше страшно погодена."
Трошоците за опоравување од ураганот Рита се очекува да се далеку помали од стотиците милијарди долари проценети за ураганот Катрина. Проценувањето продолжува но иницијалните извештаи индицираат дека оштетувањето на американската нафтена индустрија предизвикана од Рита ќе биде релативно мало.