Линкови за пристапност

Воочи Светскиот самит - што се случи со реформата на ОН?


Најавувајќи го самитот пред шест месеци, генералниот секретар Кофи Анан предложи амбициозна агенда, повикувајќи ги државниците да дојдат во Њујорк подготвени да усвојат широка серија реформи.

„Некои од овие одлуки се толку важни што треба да се донесат на ниво на шефови на држави и влади“, рече тогаш Анан.

Но, на само неколку дена пред самитот, Кофи Анан призна дека големиот план е редуциран на предлог- декларација што би била нешто како збир од општи изјави.

“Се надевам дека изјавите нема да се разводенат до толку што ќе станат безначајни. Мислам дека некои делегации правеа тактички блокади“ вели сега Анан.

Јадро на реформскиот план на генералниот секретар беше проширувањето на Советот за безбедност. Идејата мошне брзо наиде на противење, меѓу другото и од постојаните членки Кина и САД. Вишиот советник на државниот секретар Кондолиза Рајс за реформа на ОН, Ширин Тахир-Кели, го соопшти американскиот став во обраќање пред Генералното собрание во јули: „Да бидам јасна до крај – САД не сметаат дека во оваа фаза треба да се гласа за предлозите за проширување на Советот за безбедност, вклучително и за оној заснован на нашите идеи“.

Со проширувањето дефинитивно фрлено настрана, вниманието се префрли на останатите приоритетни прашања што ги изложи секретарот Анан, меѓу што и наоѓањето замена за дискредитираната Комисија на ОН за човекови права, во која последниве години членуваа земји со големи дамки на своите досиеја, како Судан, Куба и Либија. Други предлози беа реформата на раководните процедури во ОН, воспоставувањето критериуми за употреба на сила на една земја против друга, и овластувањето на ОН да интервенира во случај некоја земја да не ја исполнува обврската да ги заштити своите граѓани од геноцид.

Но, како што траеа преговорите, беше очигледно дека не постои согласност меѓу земјите-членки. Нештата да бидат уште полоши, позицијата на секретарот Анан дополнително се влоши со откритијата за случаи на корупција и несоодветно раководење со програмата Нафта за храна за Ирак. Исцрпната истрага на чело со Пол Вокер заклучи дека е нарушен кредибилитетот на ОН. Тоа резултираше во критика и повици за оставка на Кофи Анан. Згора на се́, продолжија несогласувањата меѓу земјите-членки во врска со реформскиот предлог на Анан, и така, предлог-документот за Самитот од 39 се сведе на само 20 страници.

Портпаролот на Американската мисија во ОН Ричард Гринел вели дека „аналогијата на реформскиот документ на ОН е голема, убава панделка на кутија, но кутијата е празна. Ни треба полна кутија со реформи“.

Шведскиот дипломат Јан Елиасон, кој ќе претседава со самитот во својство на претседател на Генералното собрание на ОН, смета дека е очигледно оти не е исполнета целта - средбата да се искористи како можност за реформа.

„Сега речиси сите увидуваат дека има уште многу да се заврши за примена и доработка на она за кое ќе се договориме. Реформите не се создаваат преку ноќ. Тоа е процес. Сакаме да го забрзаме процесот. ОН имаат голема потреба од реформа“, смета Елиасон.

Расположението е далеку од ведро додека делегациите пристигаат во Њујорк. Генералниот секретар ја откажа прес-конференцијата на која требаше да говори за напредокот на реформскиот проект – своевидно признание дека не успеал амбициозниот план најавен пред шест месеци.

Оваа недела требаше да биде решавачка за најкрупните промени во ОН од основањето. Наместо тоа, реакцијата на членството, како што опишува еден виш дипломат вклучен во преговарачкиот процес, е дека „ова можеби е институција со недостатоци, но подготвени сме да ја одржуваме онаква кава што е́“.

XS
SM
MD
LG