Линкови за пристапност

СДСМ нуди соработка на опозицијата на евроатланстаката интеграција


Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и понуди на опозицијата заедничка работа на евроатлантската интеграција - проект што претставува заеднички интерес во Македонија.

По обвинувањата од опозицијата дека власта нема успеси во реформите и во приближувањето кон НАТО и Унијата, портпаролот на СДСМ, Борис Кондарко ја повика опозицијата „да не и́ нанесува штета на Македонија“.

„Да ги канализираме нашите политички сили кон заедничкото добро, оти единствено така можеме да оставиме добар, сериозен впечаток на одговорна држава“, рече Кондарко, според кого одговорноста за стратешки проекти е огромна и подеднаква. „Ова е долгорочен стратешки интерес на Македонија и тука престанува секаква дневна политика“, потенцираше портпаролот на СДСМ.

Секретарот за меѓународни прашања на СДСМ, пратеничката Каролина Ристова Астеруд смета дека предлогот на САД – да не се одржува самит за проширување на НАТО до 2008-та, е мотивиран од приоритетите на Алијансата, односно од внатрешните реформи и на тој предлог не треба да се гледа како на некаков доказ за наводната неуспешност на реформите во Македонија.

„Тоа можеше да се тврди само ако во 2006-та имаше најава за проширување на НАТО, а Македонија ја немаше во агендата“, тврди Ристова-Астеруд, според која проширувањето се одлага за сите аспиранти, и потегот на САД не може да значи намалување на поддршката која официјален Вашингтон ја дава за идното членство на Македонија во НАТО. „Ние и натаму тврдиме дека Македонија ќе се најде на следниот самит за проширување на НАТО, а опозицијата, ако има – нека понуди и алтернатива за ваквиот реформски курс на власта“, потенцираше Ристова -Астеруд.

XS
SM
MD
LG