Линкови за пристапност

Буш - бојата на кожата нема врска со владината реакција на Катрина


Претседателот во армиски камион мина низ населбите на Њу Орлеанс каде водата полека започна да се повлекува. На средбата со новинарите тој коментираше на прашање дали првичната реакција на владата била бавна поради тоа што многу од погодените во градот се сиромашни и - Афроамериканци.

“Невремето не правеше разлика, а исто е и со акцијата за отстранување на последиците. Кога Крајбрежната гарда со хеликоптери спасуваше луѓе од крововите - а многу од тие хеликоптери први пристигнаа во погоденото подрачје – таа не гледаше кој има каква боја на кожата – таа спасуваше животи“ рече претседателот Буш.

Тој ги отфрли и наводите дека американската армија нема доволно сили да помогне поради тоа што голем број на силите се во Ирак: “Гласно и јасно – апсурдно е да се тврди дека поради ангажманот во Ирак немавме доволно сили на домашен терен“ вели претседателот.

„Мислам дека е мошне важно Конгресот детално да испита што се случило, и што не се случило, и да излезе со серија предлози“, коментираше Џорџ Буш на прашањето сали можело да се преземат некои чекори со цел помошта побрзо да допре во погоденото подрачје.

Претседателот подвлече дека нема намера да наоѓа виновници бидејќи приоритет во моментов е да му се помогне на регионот да се опорави.

Покрај Њу Орлеанс, тој беше и во посета на погодената област во сојузната држава Мисисипи.

XS
SM
MD
LG