Линкови за пристапност

Катрина - помал број загинати, но ситуацијата и натаму тешка.


Официјално, бројот на загинати засега е приближно 400-тини. Првично властите стравуваа дека ќе се работи за илјадници. Вице-адмиралот на Крајбрежната гарда Тад Ален, кого американската влада минатата недела го задолжи да раководи со отстранувањето на последиците не сакаше да прогнозира:

„Сум учествувал во многу вакви операции и не треба да се предвидува, туку да се решава проблемот. Сепак, ќе кажам дека наоѓаме многу помалку жртви отколку што очекувавме“, изјави Тад Ален.

Во Њу Орлеанс трае испумпувањето на водата додека локалните власти и полицијата и натаму работат на задолжителната евакуација на преостанатото население. Две недели по ударот на Катрина, многу Американци трагаат по своите најмили. И медиумите дојдоа напомош, емитувајќи пораки од поединци, во надеж дека раселените лица ќе се поврзат со семејставата.

Претседателот на Американскиот црвен крст Марти Еванс вели дека организацијата организирала прифатилишта за раселените во 17 сојузни држави: „Во моментов има 89 илјади лица во нашите прифатилишта. Минатата недела тој број беше 150 илјади“.

Таа проценува дека на околу еден милион лица им е потребна помош. Црвениот крст се надева дека ќе создаде фонд од една милијарда долари. Досега се собрани приближно 580 милиони долари.

Претседателот Буш од синоќа е во посета на погоденото подрачје – негова трета посета. Тој ноќта ја мина на брод на американската морнарица усидрен во Њу Орлеанс, а денес ќе го посети местото Галфпорт во сојузната држава Мисисипи, што практично беше целосно уништено.

XS
SM
MD
LG