Американците се делумно виновни за актуелната нафтена криза, заклучија министрите за финансии на Европската унија на нивниот состанок овој викенд во Манчестер. Американците, смета Европа, мораат да сторат повеќе во штедењето енергија. Лукембуршкиот премиер Жан Клод Јункер, кој е на чело на еврозоната, од Вашингтон очекува јасни чекори кон редукција на потрошувачката на енергија.
„Ќе ја искористиме средбата на Групата 7 во Вашингтон за две недели и отворено ќе им го кажеме ова на американските колеги“, најави Јункер.
Тој исто така смета дека вака високото ниво на цените на нафтата ќе влијае врз стапката на развој на земјите од Еврозоната која наместо 1,3 отсто, нема да биде поголема од 1 процент. Европските министри разговараа во текот на викендот за стратегиите за надминување на нафтената криза и одлучија да ги повикаат земјите - произодители на нафта да го зголемат производството. Исторемено Европа се подоготвува да ги зајакне врските со снабдувачите на нафта од Русија и Норвешка.
Земјите членки на Унијата веќе преземаат унилатерални мерки за намалување на притисокот на нафтените цени врз економијата. Белгија, Полска и Холандија најавија намалување на даноците, а Франција успеа да ги натера нафтените компании Тотал и Би-Пи да ги намалат цените на пумпите. Австрискиот министер за финансии вчера се закани дека ќе воведе посебни даноци за нафтените фирми доколку не повлечат ист потег и во неговата земја.