Линкови за пристапност

Хаосот во затворите продолжува, тврди ВМРО-ДПМНЕ


За само една седмица - три бегства и три тешки инциденти во двата скопски затвори Идризово и Шутка. Сите - велат во ВМРО-ДПМНЕ - се случиле минатата недела, со што, според нив, хоророт во македонските затвори продолжува.

„Пред неполна недела на шести септември, осуденикот Ј.Н. побегнал од отвореното одделение на затворот Идризово. Денес, 12-ти септември истиот осуденик се́ уште е во бегство. Ден потоа, 7-ми септмври, исто така од отвореното одделение на затворот Идризово побегнал осуденикот Н.Р. Денес, 12-ти септември, истиот осуденик е во бегство. Осуденикот А.К. од затворот Шутка исто така во текот на изминатата недела излегол од затворот Идризово, направил инцидент во сендвичарницата „Лео“ во населбата Маџари, по што уредно се вратил во затворот. Утредената, откако дознал дека полицијата знае оти тој е поврзан со инцидентот, едноставно си заминал од затворот во раните утрински часови“, вели портпаролот Александар Бичиклиски.

Во петокот, затворското обезбедување во Идризово брутално претепало затворник кој се обидел да се самоубие со бесење по што бил префрлен во душевната болница Бардовци. Истиот ден, осуденик прободел друг кој завршил во болница. А во затвореното одделение, носител на ХИВ вирусот земал дрога интравенозно. Ова е дневна рутина, вообичаена слика и секојдневие во македонските затвори, велат од оваа партија и бараат оставка од министерката за правда Мери Младеновска Ѓорѓиевска.

Ова се дезинформации, тврдат од казнено- поправниот дом Идризово и од Министерството за правда. Портпаролката Убавка Матевска ги одрекува сите информации изнесени на вчерашната прес конференција на опозицијата: „Во затворот Идризово во последниве денови или последниве недели не се случило ниту едно бегство. Што се однесува до носителите на ХИВ/СИДА, според информациите што ги добив од директорот на затворот, според последната направена анализа серопозитивен во затворот Идризово нема“.

Неколкуте бегства едноподруго, обидите за самоубиства, и последното убиство во отвореното одделение на затворот Идризово беа причина пред неколку седмици директорот да си поднесе оставка. Но освен него, никој друг не понесе одговорност за ситуацијата, иако во извештајот на Министерството за правда и Агенцијата за извршување санкции беа најавени повеќе дисциплински мерки.

XS
SM
MD
LG