Линкови за пристапност

Годишнина од 9/11:  сочувство за жртвите во други напади, настраданите од Катрина


Исто како и минатите години, Њујорк им одаде почит на загинатите со читање на нивните имиња. Оваа година тоа го сторија браќата и сестрите на оние кои исчезнаа во кулите на Светскиот трговски центар.

Церемонијата ја отвори градоначалникот Мајкл Блумберг. „Денес, додека ги читаме имињата на оние кои ги загубивме, нашите срца се насочени и кон загинатите во Лондон. А до Американците кои страдаат од последиците на Катрина, им го упатуваме најдлабокото сочувство“, рече Блумберг.

Семејствата на загинатите положија цвеќиња во базенот што се наоѓа на местото каде некогаш се издигаа кулите -близначки на Светскиот трговски центар. Како што веќе стана традиција по повод 11-ти септември, два снопа светло доминираа на небото над Њујорк од самрак до зори, симболизирајќи ги кулите.

Во Белата куќа, претседателот Буш точно во 8:46 наутро, кога се случи првиот напад, со минута мочење ја предводеше нацијата во давањето почит.

Комеморација се одржа и на националните гробишта во Арлингтон, каде секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд говореше не само за загинатите во нападите, туку и за Американците паднати во мисиите во Авганистан и Ирак, како и за војната против тероризмот воопшто: „Денес историјата ја пишуваат храбри припадници на американските оружани сили и решителни граѓани кои ќе сторат се што е во нивна можност да го положат овој испит на времето – бидејќи токму за тоа се работи – да спречиме нашите деца да искусат болка и ужас како оние на 11-ти септември 2001-ва“.

Секретарот Рамсфелд беше на чело и на таканаречениот „Од на мирот“, марш во организација на Пентагон во знак на сеќавање на загинатите во нападите како и поддршка за американските сили во воени мисии во странство. Илјадници зедоа учество. Кон маршот се приклучи и мала група анти-воени демонстранти, но во знак на почит за паднатите и денот, тие тивко го изразија својот протест, одејќи заедно со останатите. Маршот заврши со музика кај споменикот Вашингтон.

XS
SM
MD
LG