Линкови за пристапност

Откривање на телата на загинатите, евакуација на преживеаните


Вчера војската и полицијата патролираа по улиците на Њу Орлеанс во потрага и по преживеани, и по загинати.

Се проценува дека од 5 до 10 илјади жители се́ уште се наоѓаат во градот, одбивајќи да заминат и покрај опасноста по здравјето од загадената вода од поплавата.

Шефот на полицијата во Њу Орлеанс Едвин Компас вели: „Сега планот е да ги искористиме силите за да ги евакуираме оние кои ќе заминат доброволно. Откако ќе заврши доброволната евакуација, ќе започнеме со присилна, со минимална употреба на сила, зависно од слуачите“.

Претседателот Буш бара од Конгресот да издвои дополнителни 52 милијарди долари помош за последиците од Катрина, покрај веќе одобрените 10,5 милијарди.

Првичната реакција на федералната влада на катастрофата и натаму е предмет на критики. Сенаторот-демократ Едвард Кенеди од Масачусетс смета дека ужасните слики од Катрина што ги виде целиот свет се причина за критичко преиспитување.

„Видовме како природната катастрофа се претвори во национална поради прикрпен и неадекватен одговор, без оглед на храброста и пожртвуваноста на хуманитарните и спасувачките екипи и самите преживеани“, вели Едвард Кенеди.

Мајк Дилејни, директор за хуманитарни акции од американскиот оддел на на меѓународната организација за помош Окфам, која им помага на настраданите, за Гласот на Америка изјави дека, за жал, неговата организација по грешка претпоставила дека американската влада има соодветни планови и средства да се справи со ситуацијата: „Се́ досега, бевме целосно фокусирани на помош во итни ситуации на меѓународен план. Како резултат на Катрина и празниот од што го забележавме во реакцијата на оваа катастрофа, моравме да се вклучиме и да ги пренасочиме нашите средства - персоналот и парите - тука во САД“.

Меѓутоа, американскиот потпретседател Дик Чејни, кој вчера ги посети погодените подрачја, имаше пофални зборови за владината помош, велејќи дека е направена, цитираме, феноменална работа.

„Напредокот што го правиме е значителен. Учинокот во целина, барем според информациите што ги добив на локално ниво, дефинитивно е мошне импресивен“, рече потпретседателот.

Засега никој со сигурност не знае колкав може да биде конечниот број на загинати, но властите стравуваат дека се работи за илјадници.

XS
SM
MD
LG