Американскиот претседател го назначи секретарот за домашна безбедност Мајкл Чертоф да раководи со посебно формирана група на владино кабинетско ниво која ќе ја координира акцијата за помош и отстранување на последиците.
„Се работи за една од најголемите природни катастрофи во историјата на земјата“, рече американскиот претседател, оценувајќи дека ќе бидат потребни години за потполно опоравување.
Тој го прекина одморот во Тексас и на пат кон Вашингтон, пред да и́ се обрати на нацијата, ги прелета погодените подрачја. Опустошувачки, кусо коментираше Џорџ Буш, пренесувајќи ги своите впечатоци.
Тој истакна дека нацијата има три приоритети во овој момент – да продолжи спасувачката операција и да се евакуираат оние кои се́ уште се во опасност во погодените подрачја; да се обезбеди храна, вода и друга помош за раселените лица; и да се обнови инфраструктурата – електричната енергија, патишата, мостовите. Невремето влијаеше на нашите нафтени капацитети за рафинирање и дистрибуција, рече претседателот Буш и информираше дека дал наредба да се употреби дел од нафтените резерви за да се олесни ситуацијата.